Рускиот енергетски гигант„ Лукоил ПЈСК“ која е под санкции на САД, ја продаде својата меѓународна компанија „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, со седиште во Австрија, на компанијата „Гунвор Груп“ – еден од најголемите светски трговци со енергија.
„Гунвор Груп“ е меѓународна компанија за трговија со енергија, регистрирана на Кипар, со главно трговско седиште во Женева, Швајцарија. Има канцеларии во Сингапур, Хјустон, Стемфорд, Лондон, Калгари и Дубаи, како и мрежа од претставништва низ целиот свет.
Компанијата работи во трговијата, транспортот, складирањето и оптимизацијата на нафта и други енергетски производи, како и во инвестициите во нафтени терминали и пристанишни објекти. Нејзиното работење се состои од обезбедување сурова нафта и нафтени производи нагоре по течението и нивно доставување на пазарот преку цевководи и танкери.„Гунвор“ има посебна компанија, „Ниера“, основана во 2021 година за инвестирање во обновливи извори на енергија.

Компанијата е основана во 2000 година, е четвртиот најголем трговец со сурова нафта во светот по „Гленкор“, „Витол“ и „Трафигура“.
Денес, „Гунвор“ го набавува поголемиот дел од својата сурова нафта од Америка. Исто така, тргува со африкански, азиски и јужноамерикански нафтени производи и е активна на сите континенти.
Компанијата престана да тргува со руска сурова нафта и врши трансакции само со „многу мали количини руски нафтени производи, неколку десетици илјади тони“ кои се во согласност со меѓународните економски санкции. Природниот гас и течниот природен гас (LNG) учествуваа со 44% од обемот на тргување на фирмата во 2021 година.
Компанијата, исто така, има стратешки инвестиции во индустриска инфраструктура – рафинерии, цевководи, складирање и терминали – кои генерираат одржлива вредност низ целиот глобален синџир на снабдување за своите клиенти преку дополнување на основните трговски активности.
Кој е сопственик на Гунвор?
Сопственик на компанијата е Швеѓанецот Торбјорн Торнквист (Torbjörn Törnqvist) кој е извршен директор и ко-основач на „Гунвор“, заедно со рускиот милијардер Генадиј Тимченко.
Компанијата е основана во 1997 година, а Торнквист е нејзин извршен директор оттогаш.( Според подстоците објавени на интернет страницата на компанијата нејзиното основање датира од 2000 година). Денес Торнквист поседува околу 88% од „Гунвор“, додека остатокот го држат вработените.
До 2014 година, основачите имале приближно еднаков удел, а помал дел бил во управувачкиот фонд на компанијата. Во 2014 година, Торнквист купил 43,5% од акциите на Генадиј Тимченко, еден ден пред да биде ставен на списокот со санкции на САД по руската анексија на Крим.
Министерството за финансии на САД во тоа време тврдеше дека претседателот Владимир Путин имал инвестиции во „Гунвор“ и дека можел да има пристап до средствата на компанијата, иако не обезбеди докази. По откупот, Торнквист станал мнозински сопственик.
Компанијата 2024 година ја заврши со приход од 136 милијарди американски долари и нето добивка од 729 милиони долари. Поседува капитал од 6,5 милијарди долари.
Богатството на Торнквист, се проценува на 5,4 милијарди американски долари
Богатството на Торнквист, се проценува на 5,4 милијарди американски долари и се смета за е еден од највлијателните луѓе во глобалната трговија со енергенси. Роден е во Стокхолм во 1953 година и е шведски државјанин. Тој добил диплома по бизнис на Универзитетот во Стокхолм.
Својата кариера ја започнал во „Бритиш Петролеум“, каде што работел од 1977 до 1983 година, а потоа станал раководител на одделот за трговија со нафта во „Скандинавска трејдинг ко АБ“ до 1989 година.
Пред да го основа „Гунвор“, тој бил генерален директор на нафтениот оддел на „Интермаритајм груп петротрејд“.
Како врвен претприемач, Торнквист го искористил своето широко познавање на меѓународните пазари на нафта за да ја воспостави групацијата „Гунвор“ како една од водечките светски компании за трговија со нафта.
Сега е фокусиран на развој на диверзифицираните операции на „Гунвор“ како целосно интегрирана глобална трговска куќа за стоки.

Што ќе се случува со Лукоил Македонија?
„Лукоил Интернешнл ГМБХ“ е основач и содружник заедно со „Литаско Са“ на „Лукоил Македонија“ што значи дека мрежата од 40 бензински станици и нафтениот склад одат во рацете на новиот сопственик „Гунвор Груп“ доколку рускиот гигант успешно ја заврши продажбата на својот имот во странство.
Што ќе се случи со 550 вработени во македонското Лукоил ќе се види откако ќе биде завршена трансакцијата меѓу „Лукоил“ и „Гунвор Груп“.
Министерството за финансии на САД минатата недела воведе санкции врз Роснефт, Лукоил и 34 нивни подружници, но одобри трансакции со компаниите до 21 ноември, доколку тие се поврзани со ограничувања на нивните активности поради воведените санкции.
Лукоил е најинтернационалниот од руските нафтени гиганти
Лукоил е најинтернационалниот од руските нафтени гиганти, со операции за истражување и производство во поранешните советски земји како што се Казахстан, Узбекистан и Азербејџан, како и Египет, Обединетите Арапски Емирати и западноафриканските земји Гана, Нигерија, Камерун и Конго.
Според руската агенција Тасс, на крајот на 2024 година, Лукоил имал голема мрежа на бензински пумпи во 20 земји, вклучувајќи 2.456 објекти во странство, првенствено во Европа и САД.
Преку својата трговска подружница Литаско, Лукоил поседува две рафинерии - Петротел Лукоил во Романија и Лукоил Нефтохим Бургас во Бугарија, како и 45 проценти удел во рафинеријата Зеланд во Холандија (Рафинерија Зеланд).
Компанијата учествува и во експлоатацијата на големи нафтени и гасни полиња, вклучувајќи ги Шах-Дениз во Азербејџан (19,99 проценти удел), Карачаганак и Тенгиз во Казахстан (13,5 и 5 проценти), како и Кандим-Хаузак-Шади и Гисар во Узбекистан.
Лукоил е еден од најголемите акционери на Конзорциумот за Касписки гасовод (KTK).
На Блискиот Исток, компанијата е активна на полињата Западна Курина-2 и Ериду во Ирак, а поседува и 10 проценти од акциите во проектот Гаша во Абу Даби.
Во Мексико, Лукоил, заедно со италијанската Ени, ги развива блоковите 10, 12, 28 и Аматитлан, додека блокот 4 се реализира во соработка со мексиканската компанија ПетроБал.
На африканскиот континент, Лукоил учествува во проекти во Гана, Египет, Камерун, Република Конго и Нигерија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата