Според пресметките на НБРМ за вториот квартал

Цените на становите за една година паднале за 3,9 проценти

Според Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижности во вториот квартал од годинава во државата се продадени 139 новоизградени станови, што е за 88 повеќе од претходното тримесечје

Повеќе од една година цените на становите во државата се во пад, проценува Народна банка на Македонија во својот извештај за вториот кварал оваа година.

- Во вториот квартал од годината продолжи намалувањето на цените на становите, петти последователен квартал, иако со забавена динамика, се наведува во извештајот.

Пресметано е дека во тоа тримесечје индексот на цените на годишна основа е понизок за 3,9 отсто, откако во претходниот квартал паднал за седум проценти.

- Ваквото поместување е во согласност со надолното приспособување на цените на становите (вкупни и новоизградени), како во главниот град така и во земјата во последните неколку години, се констатира во извештајот.

Наспроти ваквата состојба, понудата на недвижности расте, но тој раст се стабилизира. Така, ако бројот на понудени станови на пазарот на недвижности во изминатите две години растел со двоцифрени стапки, како што се наведува во извештајот на НБРМ, во првиот квартал од годината е регистриран мал раст на изградбата на станбени згради. Истовремено, забавување на годишната динамика на раст има и кај издадените одобренија за изградба на станбени згради.

Анализирано врз основа на станбените кредити, констатиран е раст и на побарувачката на станови. Односно, како што се наведува, на страната на побарувачката на станови не се забележуваат позначајни промени, односно и во вториот квартал на 2017 година продолжи солидниот раст на станбените кредити.

Според Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижности во истиот период во државата се продадени 139 новоизградени станови, што е за 88 повеќе од првиот квартал од оваа година. Според статистиката што ја води катастарот, состојбата со понудата на станови е поинаква од онаа што ја бележи НБРМ. Така, заклучно со јуни, на целата територија на Република Македонија имало 3.663 станови кои се изградени, а се уште непродадени.

За разлика од претходниот квартал, на пазарот на недвижности бројот на непродадени станови се зголемил за 633. Во понудата треба да се додадат уште 9.973 станови за кои катастарот издал листови за предбележување градба, што значи дека се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

- За разлика од првиот квартал, во вториот квартал годинава има зголемување на бројот на становите кои се во тек на градба, и тоа за 1.196. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови, наведено е во кварталниот извештај на Регистарот на цени и закупнини.

Според реализираните трансакции со станови највисока просечна цена била постигната во скопската општина Центар, каде квадратен метар станбена површина се продавал по 996 евра. Следна е скопската општина Карпош, каде просечната цена по која се пордавал квадратот изнесувала 889 евра. По најниска просечна цена од само 323 евра за квадрат се продавале становите во Струга.

Движењето на цените на становите Народна банка на Македонија го пресметува според сопствениот хедонистички индекс, врз база на огласите за продажба во Скопје, објавени од агенциите за недвижности. Притоа, цената на станот е функција од големината, населбата во која се наоѓа, катот, дали има централно парно греење и дали е нов. Цените на становите по општини од Регистарот на цени и закупнини на Катастарот се извадени како просечни од реализираните купопродажни договори.

(С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари