Извршувањето во Македонија со многу парадокси

Богаташите од извршителите се кријат зад жените!

Оваа година до септември од граѓани, фирми и од државата извршителите наплатиле малку над 73 милиони евра, што е помалку за шест милиони евра од лани. Од граѓани се наплатени 850 милиони денари, од фирми 3,5 милијарди, а од државата 130 милиони денари, со процент на реализација од 33,38%

Богати бизнисмени кои возат скапи џипови и на Фејбук постираат слики од летувања на егзотични места должат огромни суми кои не можат да се наплатат. Извршителите велат дека овие лица натрупуваат долгови, "заглавувајќи" по 10-15 фирми, а извршувањето го избегнуваат со префрлување на се што имаат на сопругите, свесни дека извршителите немаат законска можност да чепкаат во нивните сметки и имот.

Тие, пак, стануваат обични вработени во фирмата со плата од дваесетина илјади денари, од која со кратење на една третина месечно до крајот на нивниот животот не може да се наплати огромниот долг. Извршителите велат дека овие случаи кои им задаваат главоболки не се изолирана, туку редовна појава и откриваат дека во вакви шеми се влезени и познати фаци.

Од друга страна, корисниците на социјална помош често се мета на извршителите, кои иако не смеат, им ги блокираат сметките поради неплатени комуналии, за што се и најголемиот дел од поплаките на должниците.

- Корисниците на социјална помош се изземени со Законот за извршување, но кога ќе добиеме налог за присилна наплата и ќе побараме блокада од банката, ние не знаеме дали на таа сметка е уплатена социјална помош, плата или нешто друго. Во 95 отсто од случаите кај нас доаѓа корисникот на социјална помош со потврда за статусот што го има и ние веднаш го деблокирааме и му ги враќаме сите пари што сме ги повлекле, заедно со делот кој го пресметуваме за нашиот ангажман. Но, овие должници, сепак, се оштетени, бидејќи банките не се откажуваат од својот дел и од сметките им задржуваат до 1.800 денари, колку што чини блокирање и одблокирање на сметката, вели претседателот на Комората на извршители, Зоран Петрески, кој додава дека законот дозволува извршителите да блокираат сметка без какво било известување на должникот.

Извршителите без проблем наплатуваат и од вработени со минимална плата, зашто Законот не препознава таков термин, но не смеат да земаат пари од должниците со минимална пензија. Објаснуваат дека луѓето со минимални примања често со тие пари издржуваат цело семејство, а пензионерите со најниска пензија, која е само илјада денари помала од минималната плата, се во ситуација да можат до крајот на животот да не плаќаат сметки.

- Поради ваквите случаи, иако тоа не е предвидено со Законот, ние практикуваме парите повлечени од сметките на должниците да не ги префрлуваме веднаш на доверителот, туку ги чуваме 15 дена, па кога должникот ќе ни донесе доказ дека е изземен од присилната наплата, да му ги вратиме. Очекуваме дека вакво решение ќе се предивиди во новиот Закон за извршување, кој подолго време го подготвува Министерството за правда, објаснува Петрески.

Според него, должниците често бараат долгот да го плаќаат на рати, што им се овозможува, па затоа опаѓа ефикасноста на извршителите, годинава за 3%. Оваа година до септември од граѓани, фирми и од државата извршителите наплатиле малку над 73 милиони евра, што е помалку за шест милиони евра од лани. Од граѓани се наплатени 850 милиони денари, од фирми 3,5 милијарди, а од државата 130 милиони денари.

Процентот на реализација годинава изнесува 33,38% и е помал од лани. Извршени се 85.538 наплати од граѓани, 17.559 од фирми и 3.505 од државни органи. Најголем дел од наплатата е од сметките на должниците, а најмал од недвижности. Најмногу средства се собрани во Скопје, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и Делчево.

Извршителите сметаат дека ги има премногу на територијата на Република Македонија. Во моментов работат 99 извршители, а предвидено е да ги има дури 135, што далеку над европските стандарди според кои на 30.000 жители треба да има по еден извршител. Наспроти ова, само во Скопје со 600 илјади жители работат 35 извршители.

- Интересна е споредбата со Бугарија. Таа земја има осум милиони жители и 160 извршители, а ние со два милиони жители имаме 99 извршители, вели скопскиот извршител Гордан Станковиќ.

Како проблем во работењето, што е и една од причините за лошиот имиџ што го имаат во јавноста, извршителите ја нотираат несоработката со банките, кои не одговараат на барањата за информации за должниците, но и со државните тела кои не даваат ни рутински информации, како што се тие за граѓанскиот и социјалниот статус на должникот.

Поради тоа, велат, се случува да се блокираат сметки на социјални случаи, да се блокира цела плата за да се наплати една третина од неа, или за да се наплати од една, да се блокираат сите сметки што ги има должникот. Оваа практика, за која извршителите велат дека се виновни банките, најмногу ги ревлотира граѓаните.

- Големото незадоволство од извршителите кај граѓаните се јави кога ни се пренесоа старите предмети од судовите и ние почнавме да блокираме сметки. Голем дел од луѓето кои беа блокирани дојдоа кај мене со информации дека се долги години технилошки вишок и не смеат да им се повлекуваат пари. Јас од тоа немам никаква корист, а граѓанинот е во зијан зашто сметката треба му се блокира, па да се деблокира, а тоа се плаќа, вели Емилија Павловска, извршителка од Штип, која е потпретседател на Комората на извршители.

Светлана ВУКЧЕВИЌ

Поврзани

Најнови вести

Коментари