logo
logo
logo

Блумберг: Рубљата е најуспешната валута во светот оваа година

Vecer | 14.05.2022

Блумберг: Рубљата е најуспешната валута во светот оваа година

Националната валута на Русија зајакна на Московската берза на околу 63 рубљи за долар, за првпат достигнувајќи го нивото на почетокот на февруари 2020 година, додека во однос на еврото достигна нов петгодишен максимум.

Рубљата се стабилизира на 63,32 рубљи за долар, откако претходно го достигна нивото од 62,6250, најсилното од 5 февруари 2020 година. Сепак, банките нудат многу послаб курс за купување рубљи, пренесува Ројтерс.

На почетокот на вчерашниот ден руската валута скокна во однос на еврото на 64,9425 рубљи, што е нејзин најсилен курс од средината на 2017 година, но подоцна во текот на тргувањето падна за 0,8 отсто на 65,80 рубљи за евро.

Оваа година рубљата стана најуспешната валута во светот, се наведува во извештајот на агенцијата „Блумберг“, поддржана од контролата на капиталот што Русија ја воведе кон крајот на февруари за да го заштити финансискиот сектор и да го спречи одливот на девизи поради санкциите на Западот воведени поради нападот на Москва врз Украина.

Рубљата е најголемиот добитник меѓу 31 главна валута, според податоците следени од Блумберг, и го надмина бразилскиот реал, кој оваа година е зголемен за 9%.

Според њујоршката агенција, рубљата во однос на американскиот долар зајакнала за повеќе од 11 отсто од почетокот на годината. На меѓународниот девизен пазар курсот на рубљата порасна уште повеќе, за околу 12 отсто.

Зајакнувањето на рубљата беше поттикнато од одлуката на монетарниот регулатор дека компаниите фокусирани на извоз мора да ги претворат своите девизни приходи во домашна валута, додека побарувачката за девизи беше ограничена бидејќи увозот во Русија опадна поради логистичките нарушувања и острите западни санкции.

Во четвртокот, претседателот Владимир Путин го посочи растот на рубљата како пример за добрите резултати на Русија под санкции.

Фото: пикс

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk