Благ раст на увозот на нови и на половни автомобили

За шест месеци биле увезени 3 илјади нови и 10 илјади половни коли. Во тек е подготовка на законски измени кои најверојатно ќе стапат во сила од 1 јануари следната година и кои предвидуваат акцизата да се замени со данок. Се уште е неизвесно што би значело ова за крајната цена на возилата.

За шест месеци увезени 3 илјади нови и 10 илјади половни коли

Според податоците на Царината во првите 6 месеци од 2018-та година биле увезени 3.030 нови и 13.355 половни автомобили. Во истиот период од 2017-та бројките биле импортирани 2.779 нови и 9.987 половни.

Ситуацијата е иста последните неколку години, велат импортерите на нови возила. Пазарот е презаситен, а куповната моќ ограничена.

„Пред пет – шест години се продаваа и над илјада нови коли, сега едвај стигнуваме до триста на годишно ниво. Пазарот е далеку од она што беше, презаситен е. Сите што имаат пари и можат да си дозволат веќе имаат купено релативно нов автомобил" објаснуваат во еден од поголемите салони за нови автомобили.

Со ова се согласуваат и препродавачите на половни коли иако тие велат дека оваа година е малку подобра од претходната.

„Има некое раздвижување годинава. Лани мислам дека беше најкатастрофално. Тогаш и морав да ги отпуштам двајцата помошници бидејќи не можев да ги платам, сега работам сам но задоволен сум. Вадам колку толку и можам да преживеам" вели во несврзан разговор сопственик на ваков плац во скопско Визбегово.

На интернет има десетици илјади активни огласи. Yugo од 80-те може да се најде за 300 евра, а Ford од 90-те за 700. Секако има и луксузни возила кои чинат 10 до 15 илјади евра.

Електронско утврдување на вредноста

Од 1 јуни годинава Царината започна со електронско утврдување на вредноста при увозот на половни автомобили.

Новиот софтвер кој беше ставен во функција е поврзан со база на податоци, во него само се внесува бројот на шасијата и автоматски се прави пресметка колку треба да и се плати на државата за увоз на конкретното возило.

„Постапката е едноставна, овозможува транспарентност и ја сведува на минимум можноста за малверзации" велат во Царинската управа.

Од следната година данок место царина

Наместо акциза во иднина за увоз на автомобили ќе се плаќа данок. Ова го предвидува новиот закон за возила кој се уште е во работна верзија. Тоа значи дека увозниците нема да плаќаат акциза за возилата при самиот увоз, туку данокот ќе се плаќа откако возилото ќе стигне до крајниот купувач.

Се уште не се финализирани параметрите според кои ќе се прават новите пресметки но голем удел треба да има емисијата на штетни гасови. Ова би значело дека за постарите автомобили давачките би биле поголеми.

Дополнително, со законските измени сите автомобили најверојатно ќе добијат и еколошки лепенки кои ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кој колку загадува. Со тоа на полесен начин би се селектирале сите оние кои треба да бидат исклучени од сообраќај при енормно загадување на воздухот.

Нема информации колку би чинеле ваквите лепенки, тестирањето на автомобилите пред нивното издавање и уште поважно – дали поголемите загадувачи би плаќале и поголеми давачки, на пример при регистрација на автомобилите.

Околу 400 илјади регистрирани автомобили на патиштата

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) на македонските патишта, заклучно со крајот на 2015-та година, имало вкупно 383.833 регистрирани автомобили.

Најголем дел од нив, 261.470, се произведени пред 2002-та година односно се постари од 15 години!

Според истите податоци бројот на автобуси изнесувал 3.243, на товарни возила 33.237, на мотори 10.050.

Според ДЗС вкупната бројка на сите регистрирани возила достигнува 442.962. Од нив, 226.513 се на бензин, а 203.643 на дизел гориво.

Поврзани

Најнови вести

Коментари