Две од најголемите компании во Силиконската долина им наложија на вработените да примат вакцини против Ковид-19 пред да се вратат во работните простории, пренесува „Вараети“.

Сите вработени во интернет-гигантите „Гугл“ и „Фејсбук“ добија известување дека мора да се вакцинираат против коронавирус.

„Гугл“ бара вработените да бидат вакцинирани пред да се појават во канцелариите на компанијата во САД во следните неколку недели, а во други земји во наредните месеци, според допис од извршниот директор на „Алфабет“ и „Гугл“, Синдар Пичаи.

„Вакцинирањето е еден од најважните начини да го зачуваме нашето здравје и здравјето на тие околу нас во наредните месеци“, напиша Пичаи во е-поштата до вработените во компанијата.

„Фејсбук“, исто така, соопшти дека им наложува вакцинација на сите што доаѓаат во неговите објекти.

„Како што ќе се отвораат нашите канцеларии, ние ќе бараме секој што доаѓа да работи во кој било од нашите простории во САД да биде вакциниран “, наведе Лори Голер, потпретседателка на „Фејсбук“, во соопштение во четвртокот.

Компанијата ќе ја спроведува политиката врз база на „локални услови и прописи“, додаде таа, и ќе има постапка за луѓе кои не можат да се вакцинираат од медицински или други причини.

„Вараети“ потсетува дека многу други компании и општински власти бараат вработените да се вакцинираат (или да вршат редовно тестирање за Ковид) пред да им биде дозволено да дојдат на работа.