Министерот за финансии Фатмир Бесими ќе учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка, кои поради пандемијата и овојпат се организираат онлајн. На состаноците, кои ќе се одржуваат во текот на наредната недела, министерот ќе ги истакне клучните реформи и активности коишто се поврзани со процесот на зајакнување на фискалната консолидација, Планот за финансирање на економско заздравување и забрзување на растот, фискална децентрализација, како и соработката и поддршката што ја имаме со овие значајни меѓународни финансиски институции, информираат од Министерството за финансии.

Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст е насочен кон подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, потоа намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите како и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање Развоен фонд за стратешки инвестиции, соопшти министерството.

Според нив, еден од врвните приоритетни проекти за МФ е и имплементацијата на ИФМИС системот со поддршка од Светска банка и ЕУ. ИФМИС е Интегриран информациски систем за управување со финансии кој ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивно планирање до целосна реализација со што ќе влијае на подобро буџетирање и реализација.

Фискалната консолилдација е една од целите на Планот за финансирање на економско заздравување и забрзување на растот 2022-2026 година, кој покрај тоа треба да влијае и на забрзување на растот и постигнување просечни стапки на раст на БДП над 5 проценти годишно, како и зголемување на инвестициите, додаваат од финансии.

Во процес на подготовка е и новата програма за управување со јавните финансии, за што значајна е техничката поддршка од ММФ. Активностите на кои ќе се даде приоритет во наредниот период, а за кои ќе се добие техничка поддршка се во областа на имплементација на фискалните правила и Фискалниот совет од новиот Закон за буџети, зајакнување на управување со јавните инветиции во МФ, зајакнување на капацитетот за планирање на ликвидноста, зајакнување на капацитетите за мониторинг на МФ во управување со фискални ризици кои се поврзани јавните претпријатија, претпријатија во државна сопственост, како и јавно-приватните партнерство, како и контрола на трошењата.

Годишните состаноци на ММФ и Светска банка ги обединуваат гувернерите на централните банки, министрите за финансии, претставници на приватниот сектор, граѓански организации и академици, кои разговараат за прашања од глобален интерес, светските економски изгледи, искоренување на сиромаштијата, економски развој и ефективност на помошта. Централни теми на состаноците што ќе се одржат од 11 до 17 октомври 2021 година се глобалната економија, меѓународниот развој и светскиот финансиски систем.

На состаноците присуствува делегација од РС Македонија која ја предводат министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Предвидени се повеќе ссредби, меѓу кои со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со директорот на Конституенцата предводена од Кралството Холандија, Кун Дејвидсе, со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, како и со други високи претставници на Светска банка и ММФ.

makfax.com.mk