Македонскиот електросистем бил пред можен колапс за време на велигденските празници, поради големото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи бидејќи струјата немало каде да се продаде, потврди денеска директорот на МЕПСО Бурим Љатифи. Тој рече дека системот сега е стабилен.
Поради оваа состојба МЕПСО и електродистрибуција од 18 до 21 април по своја проценка ги исклучувале од системот фотоволтаичните централи. Одобрение за тоа, како што изјави Љатифи, дала Регулаторната комисија за енергетика, а компаниите кои се оштетени со оваа мерка нема да бидат обесштетени.
– Имаше предизвици за време на викендов и затоа се преземени тие мерки, но тоа што можеме да го кажеме е дека правиме максимални напори да го стабилизираме системот и да немаме никакви проблеми во целата мрежа – рече Љатифи.
Тој најави зголемување на банкарските гаранции и нивно активирање кај трговците на електрична енергија кои се балансно неодговорни.
– Ние сме соочени со затекната ситуација. За дел од трговците, може да кажеме дека една од мерките е тоа што го направивме – зголемување на фиксниот дел на банкарската гаранција, согледувајќи ги цените на електричната енергија на европските берзи. На долгорочно ниво сметаме дека фиксниот дел од банкарската гаранција е доволна – рече Љатифи.
УШТЕ 7,2 МИЛИОНИ ЕВРА МУ ДОЛЖАТ ТРГОВЦИТЕ СО СТРУЈА НА МЕПСО
Вкупниот долг кој треба да го наплати МЕПСО од трговците со струја кои ги направија за време на енергетската криза изнесува 7,2 милиони евра, изјави денеска директорот на МЕПСО Бурим Љатифи.
Тој рече дека очекува долгот да се наплати бидејќи се преземени сите мерки за тоа.
-Преземени се сите мерки за наплата на долгот на трговците со струја кои во текот на енергетската криза направија кои во текот на енергетската криза направија дебаланси во електроенергетскиот систем и во значителна мера ги ангажираа системските резерви на компанијата. Дел од компаниите потпишаа договори за репрограмирање на плаќањето на долгот и редовно плаќаат, дел го исплатија, а кај останатите се активираат сите правни мерки за наплата, односно се покренати се извршни постапки – рече Љатифи.
Новиот менаџмент на МЕПСО е гарант, како што рече, дека нема да се повторат злоупотребите на менаџерските договори.
-Менаџментот се нафати сериозно да ја поправи ситуацијата. Најпрофесионално и посветено уште од првиот ден, па до последниот ден ќе ја вршиме нашата работа и нема да се повторат таквите појави – рече Љатифи.
РАСПИШАН НОВ МЕЃУНАРОДЕН ТЕНДЕР ЗА ЕНЕРГЕТСКО ПОВРЗУВАЊЕ СО АЛБАНИЈА
Распишан е нов меѓународен тендер за 400 киловолтно поврзување со Албанија кое беше запрено поради еднострано откажување на изведувачот на работите, информира денеска директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
-Изградбата на ова поврзување ќе го позиционира нашиот електроенергетски систем со европскиот, овозможувајќи пристап до стабилни балансни услови. Земјава ќе стане енергетски јазол на Европа. Проектот е важен и за енергетската стабилност на земјата и отпорноста на преносната мрежа со минимизиран ризик од ценовни шокови и можност за зголемување на приклучната моќ на нови енергетски капацитети во системот – рече Љатифи.
Тој појасни дека по раскинувањето на договорот со изведувачот и анализата на проектот, МЕПСО заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) изработија нов модел на изградба на енергетското поврзување со Албанија.
-Проектот предвидува изградба на 100 километри надземен далекувод од тафостаницата Битола 2 до албанската граница. Рокот за понуди е 45 дена, а изборот на понудувач до крајот на годината, а реализацијата ќе почне од почетокот на следната година –рече Љатифи.
Тој рече и дека изградбата на ова енергетско поврзување со Албанија ќе чини 17 милиони евра и ќе биде финансиран од заем и грантови преку ЕБОР и европските фондови.
-Веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач Енергоинвест од кои околу 2 милиони евра се вратени преку банкарските гаранции. Средства се отидени за набавка на опрема која е наша сопственост и е околу 50% од опремата која ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машински и Електро факултет кои тоа го потврдија- рече Љатифи.
Ангажирани беа, како што реше, и дополнителни стручни лица, консултанти и адвокати за да се дојде до одлуката за прекинување на соработката и распишување на нов тендер.
Фото: Архива
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата