logo
logo
logo

СЕ ПРЕЗЕМААТ МЕРКИ ДА НЕ НИ СЕ СЛУЧИ БЛЕК-АУТ КАКО ВО ШПАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА: „Редок атмосферски феномен“ - како електро инженер немам слушнато за такво влијание

Vecer | 29.04.2025

СЕ ПРЕЗЕМААТ МЕРКИ ДА НЕ НИ СЕ СЛУЧИ БЛЕК-АУТ  КАКО ВО ШПАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА: „Редок атмосферски феномен“ - како електро инженер немам слушнато за такво влијание

Шпанско – португалскиот искуство со прекините на електричната енергија треба да се истражи, да се преземат мерки и чекори за да се избегне такво сценарио и кај нас, велат во разговор со дописничката на МИА од Атина, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски во однос на блек-аутот на Пиринејскиот Полуостров.

Конкретното прашање, како актуелна тема, непланирано е во фокусот на деветтиот Балкански енергетски форум што се одржува во Атина, а министерката и првиот човек на РКЕ пренесуваат свое видување за причините, последиците, но и превентивните мерки што би требало да се преземат.

Министерката Божиновска посочува дека од 2003 година немало ваков блек аут во Европа, кога беа погодени 56 милиони, а овој пат, вели, сите нè изненади со Португалија и Шпанија и делови од Франција.

– Има многу шпекулации за која е причината, сè уште ги немаат точните податоци. За ова разговаравме и вчера на неформалната министерска вечера на маргините на Самитот, кажаа дека ќе има официјална изјава, меѓутоа сè уште не се знае и може да потрае. Но, ова само говори колку е важна стабилноста. Тие имаат многу електрична енергија од обновливи извори. Нивната социјална Влада ги исклучи во Шпанија нуклеарките и сега има доста коментари во врска со тоа, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите – коментира министерката.

Претседателот на РКЕ објаснува дека „во земји каде што има преголем број на извори на обновлива енергија, сосема е очекувано да се случи ова“, додавајќи дека сега треба да се види која е причината“, а се осврнува и на она што се споменуваше дека прекинот бил предизвикан од „редок атмосферски феномен“.

– За причината што е наведена, јас како електро инженер немам чуено такво влијание, не сме учеле на факултет. Не знам што е, ќе треба да се истражи повеќе, но, факт е дека ќе има во следниот период такви случувања, поради тоа што обновливите извори добри се, супер се од аспект на заштита на животна средина, но реално од аспект на водење на системот предизвикуваат проблеми бидејќи не е предвидливо нивното производство на електрична енергија – посочи Бислимоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk