Автопатот Демир Капија-Смоквица ќе биде во употреба од следниот месец, реагира Транспорт и врски

Автопатот Демир Капија-Смоквица е завршен целосно и веќе следниот месец ќе биде пуштен во употреба, реагира Министерството за транспорт и врски, по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со доизградбата на автопатот Демир Капија -Смоквица.

„Се очекува надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт. Министерството за транспорт и врски во рок од два месеци ги заврши сите процедури во врска со одобренијата за градење и со тоа во најкраток рок е изграден контролниот центар, а далноводот е дислоциран за да може сообраќајот да се одвива безбедно“, велат од Министерството.

Додаваат и дека по нивен предлог се направени и измени во Законот за градење се со цел да се поедностават конкретни административни постапки кои се однесуваат на добивање на употребна дозвола за да не се случи автопатот да биде вон употреба уште најмалку две години. Министерството ја повика опозицијата да објасни зошто навремено не се завршиле административните постапки за одобренијата за градење за изградба на контролниот центар во Неготино и за дислокација на далноводот за да може автопатот да биде пуштен во употреба во рамките на договорените рокови.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари