Анѓушев ги претстави можностите за инвестирање пред белгиските бизнисмени

Вицепремиерот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, е во дводневна службена посета на Кралството Белгија, а на првиот ден од посетата, во Антверпен учествуваше на тркалезна маса во организација на стопанската комора ВОКА (Voka – Kamer van Koophandel Antwerpen Waasland), кадешто пред двесетина претставници на белгиски компании ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, вицепремиерот истакнал дека Владата во изминатиот период напорно работела и ја стабилизирала економската состојба во Република Македонија. Тој нагласил дека за добра бизнис клима потребно е владеење на правото, за да стопанствениците чувствуваат сигурност во нивните инвестиции, како и обезбедување на стабилна политичка состојба, преку интензивни активности за реализација на евро-атлантските аспирации на земјата.

„Ве уверувам дека странските инвеститори се добредојдени во Република Македонија. Доколку некоја компанија се реши да ја посети земјата и да ги истражи можностите за инвестирање, Владата и органите на државната управа ви стојат на располагање за сите потребни информации. Веќе имаме оформено неколку технолошко-индустриски развојни зони, во кои работат странски компании, работиме на нивно комплетирање и сакаме да ги пополниме со реномирани производствени компании“, потенцирал Анѓушев.

Вицепремиерот ги претставил мерките од Планот за економски раст, при што истакнал дека преку имплементација на мерките се овозможува значителна поддршка на компаниите за нови инвестиции, нови работни места и подобрување на конкурентноста на странски пазари.

„Планот за економски раст го креиравме со намера да ја поттикнеме економската активност во земјата, да привлечеме нови инвестиции, да ги поддржиме постоечките компании да се развиваат, а со тоа да ја подигнеме конкурентноста на македонската економија и да се отворат нови подобро платени работни места за македонските граѓани. За секоја нова инвестиција, државата ќе обезбеди поддршка во висина од 10% од вредноста на инвестицијата и дополнителни 10% доколку со таа инвестиција се зголеми пазарната реализација на компанијата на странски пазари. Со цел да ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании креиравме мерка преку која доколку странска компанија набавува 15% од материјалите за работа од домашни, македонски компании, Владата ќе изврши исплата во висина од 1% од вкупно направените набавки на компанијата. Доколку некоја компанија одлучи да отвори развоен и истражувачки центар во Република Македонија, може да смета на поддршка во висина од 50% од направените инвестиции, со што го поттикнуваме технолошкиот развој и иновациите во компаниите. Во насока на зголемување на платите, обезбедуваме поддршка во висина од 20% од исплатената нето плата, за нововработени лица во компаниите кои примаат 50% повисока плата од минималната “, подвлекол Анѓушев.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари