logo
logo
logo

Ангеловска-Бежоска: Треба да се чекори кон трансформација на традиционалните економии во попаметни, инклузивни и позелени економии

Vecer | 08.06.2021

Ангеловска-Бежоска: Треба да се чекори кон трансформација на традиционалните економии во попаметни, инклузивни и позелени економии


Во периодот што претстои, главните предизвици за носителите на политиките ќе бидат двојни. Од една страна, и натаму ќе треба да се обезбедува поддршка за економиите во закрепнувањето од кризата, но добро насочена и со соодветен обем. Глобалната економска криза од 2008/09 година покажа дека носителите на политиките не треба наеднаш да запираат со мерките за поддршка на економиите во справувањето со шокот, а овојпат тоа е нагласено и заради примарниот, здравствен карактер на кризата. Но, од друга страна, ќе треба да се внимава во одредувањето на карактеристиките на макроекономскиот стимул, за да не се предизвикаат нерамнотежи.

Ова, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето вчерашно излагање на Балканска недела на бизнисот, во организација на Институтот за бизнис и менаџмент „Хајделберг“ и Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ).

„ Вниманието одново треба да се насочи кон структурните реформи и трансформациските политики за решавање на длабоките преткризни структурни тесни грла, како и на новите структурни пречки што ќе останат како наследство од пандемијата, коишто и во глобални рамки не се целосно разјаснети во овој момент. Треба да се чекори кон трансформација на традиционалните економии во попаметни, инклузивни и позелени економии.“ – порача Ангеловска-Бежоска.

Во своето излагање, таа се осврна на повеќе клучни прашања за предизвиците со коишто се соочуваат носителите на политиките во економиите од избувнувањето на корона-кризата наваму, како и за предизвиците што се очекуваат, посебно осврнувајќи се на македонската економија.

„ Кога е напишан на кинески, зборот „криза“ е составен од два знака. Едниот претставува опасност, а другиот претставува можност. Се надевам дека ја оставивме опасноста зад нас и сега ќе ги искористиме можностите за да ја подобриме благосостојбата на нашите економии.“ – порача гувернерката на крајот на излагањето.

На настанот учествуваа високи претставници на повеќе централни банки од регионот.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk