При пад на извозната побарувачка за нашите стоки и услуги во текот на минатата година, којшто беше со сличен интензитет како и во текот на глобалната криза во 2009 година, извозот забележа пад од 10,1%. За оваа година се проектира постепено закрепнување на странската побарувачка и раст на извозот од околу 15,2%, што е важно за закрепнувањето на економијата по шокот што ѝ го зададе пандемијата. Впрочем, и податоците за првиот квартал од оваа година упатуваат на солиден раст на извозот.

Ова, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на вебинарот посветен на улогата на монетарната политика во периодот на корона-кризата и на макроекономските проекции за 2021 година, организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД). Е-настанот го отворија проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, деканката на Економскиот факултет при УГД, проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска и проф. д-р Дарко Лазаров.

Во воведниот дел на презентацијата, осврнувајќи се на глобалниот амбиент и видувањата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Ангеловска-Бежоска, посочи и на значењето на глобалниот амбиент за извозната активност на македонската економија.

„За нас, како мала економија, од клучно значење е закрепнувањето на глобалната економија, односно на нашите најзначајни трговски партнери. ММФ превидува раст на европската економија од 4,4%, а 3,6% за германската економија на која отпаѓаат над 50% од нашиот извоз. Особено е значајно што се очекува солиден раст на германската индустрија поради вклученоста на домашните производствени капацитети во германските синџири на производство на автомобили“, истакна гувернерката.

Таа посочи дека ризиците за проекцијата се главно поврзани со времетраењето на пандемијата, спроведувањето на процесот на вакцинација, продолжувањето на мерките за поддршка на економиите, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирањето на очекувањата кај потрошувачите и инвеститорите.

Ангеловска-Бежоска рече дека се очекува дека 2021 година ќе биде година на постепено закрепнување на домашната економија, при што економскиот раст ќе биде поддржан и од банкарскиот систем.

„Економскиот раст нема да предизвика поголеми притисоци врз инфлацијата, којашто главно би се задржала на умерено ниво“, истакна гувернерката.

makfax.com.mk