Акциите на „Фејсбук“ паѓаат по информациите за украдени податоци на 50 милиони корисници

„Фејсбук“ се соочува со голем скандал кога во јавноста беа објавени информации дека се украдени податоци на 50 милиони корисници во политички цели. Поради целата ситуација, вредноста на акциите на „Фејсбук“ на „Волстрит“ падна 6,8 отсто.

Во центарот на скандалот е лондонската компанија „Кембриџ аналитика“, поврзана со кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп. Според објавите во повеќе американски и британски медиуми, „Кембриџ аналитика“, компанија специјализирана за стратешки комуникации, собрала податоци за 50 милиони корисници на „Фејсбук“ без нивна дозвола со цел изработка на софтвер што ќе овозможи предвидување и влијание врз гласањето на избирачите.

Си-ен-ен објави дека во компанијата „Фејсбук“ денеска бил одржан итен состанок на кој се разговарало за евентуалните пропусти за безбедноста на податоците на корисниците.

Британската независна агенција за заштита на личните податоци побарала дозвола за претрес во канцелариите на „Кембриџ аналитика“, која е обвинета дека нелегално ги собирала податоците. Исто така, агенцијата побарала и постигнала согласност со „Фејсбук“ да ја прекине сопствената истрага. Оваа агенција сака да утврди дали имало согласност од корисниците на социјалната мрежа за употреба на нивните податоци.

Британската парламентарна комисија денеска побара од сопственикот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, да се изјасни пред неа. Од таму очекуваат Цукерберг да го стори тоа до понеделник.

„Кембриџ аналитика“ тврди дека не направила прекршок.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари