logo
logo
logo

Бјело Дугме

Секој има свој почеток, па така и Бјело дугме. Но, тие немаат крај

Vecer | 03.07.2023

Секој има свој почеток, па така и Бјело дугме. Но, тие немаат крај

Во април 2011 година, на Универзитетот Колумбија во САД, е одржана проекција на филмот Бјело дугме. Прикажан е на Хариман институтот за европски студии, и тоа е прва проекција на филм од просторите на поранешна Југославија уште од времето на деведесеттите, кога му беше даден простор на Емир Кустуруца.

Очигледно, и Американците забележале дека Бјело Дугме е повеќе од музика.

Бјело Дугме, како и многу други извори на културата и субкултурата на Југославија, доаѓа од Сараево. Градот кој е дом на раскажувачите Зуко Џумхур и Абдулах Сидран, се уште најголемиот југословенски уметник на филмот Емир Кустирица, музичките легенди Здравко Чолиќ, Забрањено пушење и Доктор Неле Карајлиќ, Душко Трифуновиќ, сликарот Мерсад Бербер, телевизискиот феномен Топ листа надреалиста... Сараево, градот на севдахот, музиката и уметниците, најубавата мешавина на четири вери и религии во Европа, со најмногу југословенски копнеж и кога Југославија ја имаше, и кога потоа беше изневерена токму од верските водачи и уличните дилери, во сојуз.

Е, во тоа Сараево, почнува историјата на Бјело дугме, која сe уште не е завршена.

Многумина веруваат дека музичката група Бјело дугме е производ на инспирацијата и упорноста на Горан Бреговиќ: харизматичен лидер, гитарист, автор на текстови, музика и на менаџерските договори за групата. Одговорен уредник на една појава каква се уште нема на Балканот, иако поминаа децении од Бјело дугме до денес.

Горан Бреговиќ е роден сарајлија, син на офицер на ЈНА кој го напуштил синот по разводот. Неговата мајка, амбициозна и за музика заинтересирана, го запишала синот во нижо уметничко училиште, од каде е исфрлен уште во втората година, како непоправливо мрзлив, и за музика неталентиран. За среќа, никој од нив не ни претпоставил дека неталентираниот ќе биде регионална музичка икона пет децении. Ќе свири и пее, на концерти, во филмови, театри и на ливади... пред дваесет нации во Европа.

За среќа, неговата мајка не се откажала. Му купила гитара. Горан Бреговиќ, потоа, музика учел на улица. Учител му бил Едо, брат на раскажувачот Абдулах Сидран.

Кога Бреговиќ, роден во март 1950 година, бил гимназијалец Сараево веќе било центар на југословенската поп култура, рамо до рамо со Белград.

Најпознатиот вокалист на Бјело дугмеЖељко Бебек, кој е пет години постар од Бреговиќ, го запознава на концерт на малата група Бештије, каде матурантот Бреговиќ е гитарист. Во тоа време Жељко Бебек е вокал во веќе афирмираната сараевска група Кодекси. По препорака на Бебек, Кодекси го ангажираат Бреговиќ, и во 1969 тие имат први настапи во Дубровник, со класичен репертоар за потреби на туристите.

Добиваат покана, и настапуваат по клубови во Наполи, Италија. Наредната година на групата и се приклучува и рокерот Милиќ Вукашиновиќ, кој инсистира на авторски рок енд рол песни, на Лед Цепелин, Блек Сабат... но, без подршка од публиката, па две недели подоцна добиваат отказ од сите клубови низ Италија.

Жељко Бебек не се снаоѓа со новата музика на групата, се откажува и се враќа во Сараево. Набргу, Милиќ Вукашиновиќ ја напушта Кодекси и заминува за Лондон, а Горан Бреговиќ запишува студии по филозофија, и станува дел од групата Јутро. Иако скарани со Бебек, го поканува, и тој во 1971 им се приклучува како вокал кој ја пее првата авторска песна на Горан Бреговиќ – Патим, ево десет дана. Тандемот за влез во легендите е роден.

Во 2012 година, гостувајќи во емисијата Портрет на телевизијата ЦМЦ, Жељко Бебек изјавува дека е тој заслужен за кариерата на Бреговиќ – "Јас го симнав од рид, и го спуштив меѓу нас во центарот на Сараево. Горан живееше на брдото Требевиќ, и со тоа влезе во цивилизација и бендот Кодекси, за каков што можеше само да сонува", изјавува Жељко Бебек. Во 2014, за белградски Блиц, по повод 40-те години од Бјело дугмеБебек вели дека тој е Бјело Дугме, создавач и идеолог на групата, а не Горан Бреговиќ.

Многумина сметаат дека тоа брдско потекло на Бреговиќ од периферијата на Сараево, е корен на неговата совршена употреба на циганската и фолк музика, преработена во неговите мега хитови, и неговата филмска музика, потоа.

Бебек кажува своја страна на историјата но, фактите зборуваат поинаку.

По првите синглови во соработка со Бреговиќ, со групата ЈутроБебек заминува во војска, а групата има уште неколку синглови без него, меѓу кои и хитот – Кад бих био бјело дугме... Поради внатрешни кавги околу понатамошниот развој, и различни ставови за музички избор, групата Јутро се распаѓа во 1973 година.

На 1 јануари, 1974 година, е промовирана нова група, Бјело дугме.

Веднаш се потпишани договори со музичките издавачи Дискотон и Југотон. Во октомври таа година го издаваат првиот албум, кој експлодира со популарност и продажба, а критичарите цинично исфрлаат нова категорија велејќи дека Бјело дугме свири - пастирски рок. Во ноември 1974 настапуваат и на Скопскиот фестивал, со песна од Григор Копров.

Во април 1974 година го имаат првиот голем концерт на Бум фестивалот во Љубљана, и првиот легендарен хит - Селма. Сместена на граница на блуз, Селма е мегахит кој на сите рејтинзи на продажба и емисии со гласање на публиката, во тоа време, е метро над било која друга песна од поп или рок музиката. Песната е текст, нежна љубовна меланхолија, која уште во 1949 година ја напишал Владо Дивјак, посветена на вистински лик - сараевката Селма Бориќ. Никогаш авторот не бил во врска со својата инспирација, но бил опседнат од неа и нејзината убавината само затоа што ја сретнал на железничка станица, и ги носел нејзините куфери до вагонот. На испраќање и рекол: "Селма, не се наведнувај преку прозорецот..." реченица која ќе стане рефрен што се пее со децении.

Мајсторијата на Бреговиќ да умее да менаџира повеќе од сите други во рок и поп музиката во Југославија, е видна уште на самиот почеток. Тој, спротивно на стандардите, потпишува два договори за објавување на нивната музика. Со Дискотон за сингл, и Југотон за албуми, и ја шокира јавноста кога песната напишана од Душко Трифунивиќ – Главиот јунак на една книгаБјело дугме ја издава одеднаш од двајца издавачи - и преку Дискотон, и со Југотон.

Одбивањето на Дискотон да потпише договор за вкупната продукција со Бјело дугме, по што таков е поптишан со Југотон, се смета за најголемо промашување на музичките договори во Југославија, а загуба за Дискотон поголема од осум милиони долари. Инаку, првиот албум – Кад бих био бјело дугме... е снимен во септември 1974 година, за само 20 дена, во студиото Академик, во Љубљана. Првото издание на албумот е продадено за само неколку месеци, во 160.000 примероци.

Првиот албум на Бјело дугме, согласно менаџерскиот инстинкт на Бреговиќ и неговата умешност за односи со јавноста, има добро подготвен дизајн од авторот Драган Стефановиќ, школски другар на Бреговиќ. Албумот има арт насловна фотографија, разголени женски гради, со големо бело копче на реверот. Овој дизајн на Бјело дугме, потоа, ќе се најде во британското издание - Најубавите 500 рок албуми во светот.

Жељко Бебек, по враќањето од војска, и се приклучува на веќе формирана група како вокал, и препознатлив зарипнат глас кој го знае секој во тогашна Југославија. Дава отказ на редовната работа, службеник во Заводот за социјално осигурување, и како женет човек со дете целосно се посветува на музичка кариера.

Појавата на Бјело дугме, веќе од самиот старт во 1974 и 1975 година, е експлозија на популарност. Кога се поканети да бидат гости на последниот концерт на тогаш најпопуларната музичка појава, Корни група... нивниот настап доминира, и медиумите потоа забораваат на домаќините, и пишуваат за новото чудо – Бјело дугме.

Бреговиќ, роден музичар и талентиран менаџер, го препознава моментот и почнува да спроведува план за освојување на севкупната јавност, а не само на музичката публика. Закажува концерти безмалку секоја недела по еден. Забележува дека им се наметнува етикета за музика и група на момците од предградието и босанските брда, и прави исчекор. Ангажира филхармонија, која го следи во неговиот нареден мега хит, песната на Душко Трифуновиќ – Има нека тајна веза...

Кога во 1975 го подготвуваат вториот албум, имаат сериозни предизвици. Да се потврди славата стекната со првиот албум, или да се пропадне како случаен успех. Да се создава своја, автентична музика, а притоа да се излезе од етикетата за пастирски рок, привлечен за провинцијалците. Затоа, за прв пат во југословенската поп музика, Бреговиќ организира карантин за членовите на Бјело дугме, создава и мистерија привлечна за публиката. Таму е подготвуван вториот албум – Шта би дао да си на мом мјесту.

Албумот е сниман во ноември 1975 година, во Лондон, под контрола на продуцентот Нил Харисон. Автор на сите песни, освен една на Душко Трифуновиќ, е Горан Бреговиќ. Вокал е Жељко Бебек. Носечки песни на албумот, освен хитот – Тако ти је мала моја кад љуби Босанац... се елегии, тешки бавни ноти, сложени и за музичарите и за вокалот кои оставаат трага уште по првото емитување, а особено децении потоа: Дошао сам да ти кажем да одлазим, Не гледај ме тако и не љуби ме више... го потврдија, и доградија успехот кој од Бјело дугме, за неполна година, направи убедливо најпопуларна музичка група во Југославија. Само првото издание на албумот, за неколку месеци, е продадено во повеќе од 200.000 примероци. Потоа, следи голема концертна турнеја, која почнува од Македонија, и трае над дваесетина концерти во низа.

За Нова 1976-та година, како музички феномен кој станува култ кај младите, Бјело дугме е поканета да му свири на Тито и државниот врв во Хрватско народно казалиште во Загреб но, по само неколку песни, нивната свирка е запрена бидејќи била премногу бучна за вкусот на Маршалот.

Дугмеманија, како што е наречена појавата и влијанието на Бјело дугме, извор на масовно влијание, уште од почетокот станува интересна за политичка употреба. Имено, во април 1976. им е организирана турнеја во Америка која набргу групата ја откажува, затоа што дознаваат дека организатори се усташката, хрватска емиграција во САД. Во Америка заминуваат подоцна, во сопствена организација.

Нивната музика и политиката, тоа е постојан танц на жица.

Бјело Дугме пее песна Ружица си била, дел од албумот Пљуни и запјевај моја Југославијо, објавен во 1986 година... инспирирана од хрватскиот националист, пејачот Вице Вуков кој во 1976 година се вратил од емиграција во Загреб. Вице Вуков два пати ја претставувал Југославија на Евровизија (Лондон 1963, Наполи 1965 година), пред да емигрира во 1972 година, откако не се вратил од турнејата по Австралија. Како политички неподобен, му било забрането да има настапи, па дури во 1989 година се објавени неговите песни но, без име на авторот! Албум и песни со безимен пејач.

Кога во Југославија, во осумдесеттите, се појавува криза на идентитет по смртта на Тито, на нивниот албум Пљуни и запјевај моја Југославијо (1986) како прва нумера се појавува партизанската песна Падај сило и неправдо... ја пее хор на штитеници од сараевскиот Дом за деца без родители и народниот херој Светозар Вукмановиќ Темпо, тогаш на 74-годишна возраст, легенда на партизанското движење, кој за време на НОБ работел и во Македонија, што е обид на Бреговиќ за реинкарнација на партизанскиот дух и етика во веќе потрошената југословенска идеја.

Својот танц со политиката Бреговиќ и Бјело дугме во осумдесеттите ќе го имаат и со објавата на обработката Лјепа наша... што е хрватска национална химна, која не била пожелна во југословенските кругови во тоа време , и ја сметале за емигрантска националистичка песна. Но, за балнас, тие ја пеат и српската Тамо далеко, посветена на српската војска, која во првата светска војна емигрирала на грчкиот остров Крф.

За југословенската идеја, и нејзината слава, тие во 1986 ја пејат песаната – Пљуни и запјевај Југославијо која директно, и прецизно, најавува војна ако се растури југословенството... како што потоа и се случи.

Да се вратиме на музиката. Кога Бјело Дугме во 1976 го снима третиот албум, Ето баш хоќу, снимен во Арт Рекордс во Лондон, тие се веќе институција околу која се врти милионска публика, и милиони долари заработка. Бреговиќ, ненадминат мајстор на менаџирањето, промовира засилувања како што прават фудбалските тимови, па ги ангажира Лазар Ристовски од групата Смак и Милиќ Вукашиновиќ од групата Индекси, откако бубњарот Ипе Ивандиќ и клавијатуристот Владо Правдиќ заминуваат во војска.

Мајсторот за привлекување внимание и управување со вниманието Горан Бреговиќ, не пропушта прилика од секој повод да направи нов спектакл. Кога во 1977 година Бреговиќ заминува во војска, во Ниш, групата органзира бесплатен концерт во Белград (Концерт код Хајдучке чесме) на кој има над 120.000 присутни, најголем музички собир во дотогашната историја на Југославија, а помеѓу групите кои настапиле на тој концерт е и скопската Леб и сол.

Бјело дугме настапува, во континуитет до 1989, односно до распадот на Југославија. Последен мега хит им е во 1988 година, кога ја објавуваат обработката на песната Ѓурѓевдан... на која свири мајсторот на етно труба Фејат Сејдиќ, а учествуваат Српскиот црковен хорПрвото белградско пејачко друштво... етно симфонија, која ќе стане обележје на понатамошната соло кариера на Горан Бреговиќ, која трае и денес.

Во 1989 година во Југославија се јавуваат, отворено, националитичките движења. Бреговиќ вели дека таа последна година била најмачна во неговата кариера, па затоа и ја запреле турнејата која била во тек. Ги откажале и коцертите во Кина и Советскиот сојуз. Тоа е крај на групата која за своите години имаше три вокали, еден лидер, и десетина музичари кои, со потписот на Бјело дугме, ја пишуваа историјата. Историја на девет студиски и три концертни албуми кои во изданија на нивните продуцентски куќи се продадени во повеќе од 6 милиони примероци, како и над десет милиони примероци сингл изданија, компилации и ретроспективи.

По распадот, последниот пејач на Бјело дугмеАлен Исламовиќ заминува во Бихаќ, и ја продолжува својата кариера самостојно. Жељко Бебек војната ќе ја дочека во Загреб, каде што живее и денес. Третиот вокал од групата, Младен Војчиќ Тифа, го напушта Сараево по војната, и во 1995 година се сели за Германија.

Најпознатиот бубњар на Бјело дугме, Ипе Ивандиќ, по избивањето на југословенската војна се сели во Белград. На 13 јануари 1994 се самоубил, паѓајќи од шестиот кат на еден белградски хотел. Клавијатурите на Бјело дугме најдолго му припаѓале на Владо Правдиќ, кој денес живее во Америка, и се занимава со комјутери и мобилни комуникации.

Горан Бреговиќ, создава музика и денес. По распадот на групата живее во Франција, и во Белград. Тој е единствен постојан член на групата, од основањето до крајот. Најголем дел од песните се негово авторство. Се она што е продукција, менаџирање, односи со јавност, создавање имиџ и култ во јавноста, градење место во историјата на југословенската музика но, и во севкупниот јавен живот... е со негов потпис.

Бреговиќ по Бјело дугме има успешна соло кариера. Стотици концерти. Пишува театарска и филмска музика. Светот му оддава признание за музиката во филмовите на Емир Кустируца, како во Дом за бесење и филмот Аризона дрим. Награден е за својата музика во филмот Кралицата Марго, на Патрис Шероа. Во книгата на европски музички легенди дефинитивно влегува со музиката во филмот Андергрунд, на Емир Кустирица, победник на канскиот фестивал во 1994 година. Филм посветен на распадот на Југославија. Еден од силните печати на Бјело дугме, и особено на Бреговиќ, кои беа врвен југословенски производ, но и следбеници на југословенската идеја. Севкупниот музички ангажман на Бреговиќ е граден врз етно мотивите на југословенските народи, циганската музика и тангото, како повремен музички израз комбиниран со нив.

Бреговиќ соработува со врвни музички имиња како Цесарија Евора, Елефтерија Арванитаки, Георгиос Даларас, Иги Поп, Сезен Аксу, полската пејачка Каја со која објавил албум продаден во 650.000 примероци... Голем дел од неговата соло кариера се преработки на хитовите од Бјело дугме видени и слушани четири децении од нивната музичка историја.

Создава етно музика која ја изведува во живо, со големи концерти одржани во повеќе од дваесет европски држави, а неговите концерти како спектаклите во Грција со Георгиос Даларас, се снимени и продавани низ светот како ремек дела на етно музиката, следена од филхармонија, народни музички уметници и големи оркестри.

Бјело дугме, вистински, се враќа само еднаш.

Обидот да ги видиме заедно, како група, на 40 години од почетоците, во јули 2014 година не успеа. Горан Бреговиќ и вокалот Ален Исламовиќ сепак имаа серија концерти по повод четири децении од Бјело дугме, почнувајќи со 14 јули во Љубљана, местото каде што се појавиле за прв пат на голем настан, љубљанскиот Бум фестивал, и каде во студиото Академик е снимен нивниот прв албум, и отворена историјата на Бјело дугме.

Во септември 2014 година музиката на Бјело дугме ја свират и во Скопје.

Единствен пат, како група повторно се собираат на триесет години по основањето, на три јубилејни концерти во 2005 година одржани во Сараево, Загреб и Белград. Концертот во Белград, на Хиподром, собра 200.000 публика. Како времето да застанало.

Секој има свој почеток, па така и овој опишан за почетоците на Бјело дугме. Но, за разлика од многумина, Бјело дугме нема крај...

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk