Четворица загинати во престрелка кај Радуша.

Синоќа на патот кај селото Радуша полицијата во заседа дочекала комбе во кое се шверцувало оружје.

Според првичните информации на наредбата од специјалците комбето да застане, лицата кои го превезувале оружјето почнале да пукаат кон специјалните единици на полицијата. Во престрелката се убиени четворица од криминалната група, од полицијата нема повредени.
Запленетото оружјето е пренесено во депото на МВР и дополнително ќе се вештачи.

Имавме информации за транспорт на нелегално оружје. Поставивме заседа и околу 02 часот по полноќ при обид на полицијата да запре комби, луѓето кои се наоѓале во него отвориле оган врз полицајците. Припадниците на МВР одговорија на нападот при што загинаа четирите лица кои беа во комбито. Во него е пронајдено поголемо количество оружје, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Двајца македонски државјани и еден Косовец, се трите засега идентификувани лица, кои рано утринава загинаа во оружената престрелка со македонската полиција кај скопското село Радуша. Идентитетот на четвртиот загинат сеуште не е утврден. Двајцата македонски државјани се од селата Грчец и Мерово, додека Косовецот е од Приштина.

Деталите за настанот се очекува МВР да ги соопшти во текот на денот

Најнови вести

Коментари