logo
logo
logo

СРБИЈА

Кој не сака да се вакцинира, да си плаќа ПРИВАТНО лекување од Ковид-19

Vecer | 17.07.2021

Кој не сака да се вакцинира, да си плаќа ПРИВАТНО лекување од Ковид-19

Во соседството се погласно се размислува невакцинираните граѓани кои одбиваат да се вакцинираат самите да си го плаќаат лекувањето од Ковид-19. Ваквата можност ја најави претседателот Александар Вучиќ, најавувајќи дека добил таков предлог од голем број лекари, а вчера и министерот за здравство Златибор Лончар го поддржа предлогот на колегите лекари, оценувајќи го како „сосема логичен“.

За ова уште не е донесена одлука, и Вучиќ засега не прифаќа воведување вакви правила, но признава дека се поочигледно е дека државата ќе мора да реагира на некој начин за да се спречи ширењето на вирусот. Иако вакцините се достапни со месеци наназад и граѓаните дури може и да бираат, скоро 51 процент од возрасните во Србија се уште не се вакцинирани, а ако се се смета вкупното население, дури 62 проценти немаат примено вакцина.

- Добив многу предлози од лекарите луѓето кои не се вакцинирани, а имаат можност да ја примат вакцината, да им се наплаѓаат трошоците за лекување на корона вирусот, рече Вучиќ и додаде: - Не сум за тоа. Можеби не е директно кршење на Уставот, но е кршење на еднаквоста. Но, ќе мора да сториме нешто за да ја потиснеме таквата доза на неодговорност и несериозност. Како и што, сè уште не знам, но не можам да го поддржам ова во моментов.

Индивидуалните трошоци за лекување, како што рече Вучиќ, изнесуваат и до 100.000 евра. Граѓаните сметаат дека тоа е покриено со здравствено осигурување, а всушност, годишната исплата е од околу 500 до 600 евра во фондот за осигурување.

Министерот Лончар смета дека е сосема логично барањето на лекарите невакцинираните граѓани да плаќаат дел од трошоците за лекување на коронавирусот, бидејќи има доволно вакцини, и тие можат да изберат која ќе ја користат.

- Таквото барање немаше да има смисла доколку државата не обезбедеше доволно вакцини за сите граѓани. Здравствените работници со право го сугерираат ова, бидејќи има луѓе кои не веруваат ниту во ковид, ниту во вакцината, а кога ќе се разболат знаат дека државата ќе плати за сè. Тие ниту се придржуваат до мерките, ниту се вакцинирани, па ќе дојдат во болница и очекуваат државата да покрие сè, вели Лончар.

Делта сојот, предупредува Лончар, е многу позаразен од оригиналниот, што ја зголемува опасноста четвртиот бран на ковид 19 да се шири многу побрзо кај толку голема маса невакцинирани лица.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk