Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека е шокиран од идејата на европските лидери за воведување на ковид-пасоши во Европа и дека е срамно и антиевропски ваква одлука да се спроведе.

Според него, ковид-пасошите ги газат највисоките европски вредности, односно слободата на движење и избор.

„Јас немам добро мислење за антиваксерите, но кои сте вие ​​за да ограничите нечие движење ако тој не сака или не може да ја прими вакцината“, истакна Вучиќ.

Тој оцени дека ова покажува оти тие се грижат само за внатрешните движења и дека притисокот на внатрешните политики е голем, но нагласува дека Србија ќе се вакцинира најбрзо и ќе им овозможи на граѓаните да патуваат, пренесе Курир.рс.

Тој исто така забележува дека сега во Србија, притисокот на младите да се вакцинираат ќе биде голем, а намерата е прво да се заштитат постарите луѓе.

Вучиќ посочи дека Србија е петта во светот според вакцинацијата, а прва во Европа во однос на давањето на втората доза.

Утрово во 9,50 часот, вели тој, 509.000 граѓани ја примиле втората доза од некои од достапните вакцини.

Вучиќ им се заблагодари на сите што придонесоа за пристигнувањето на вакцините во Србија.

„Да беше до ЕУ, немаше да имаме вакцинирани. Ние сме на европскиот пат, а вие воведувате ковид-пасоши за Западен Балкан. Колку вакцини ни дадовте? Нула од Ковакс“, изјави Вучиќ.

Тој забележува дека Србија била паметна и снаодлива.

„Можете да видите колку богатите зеле само за сиромашните да не вакцинираат“, изјави Вучиќ и најави дека во следниот период Србија ќе добие уште милион и пол вакцини од „Модерна“, но и друга доза на кинеските и руските вакцини.

Тој проценува дека проблемите со пандемијата ќе бидат надминати и Србите ќе живеат нормално кога ќе има два милиони граѓани кои ги примиле двете дози.

Вучиќ исто така посочи дека случајно, на 5 март, на неговиот роденден, ќе дојдат 500.000 кинески вакцини. Потоа ќе пристигне Фајзер и тој очекува дека, сепак, нешто ќе дојде и од програмата Ковакс.

 

makfax.com.mk