На добитникот на Нобеловата награда за литература, Питер Хандке, вчера му беше врачено одликувањето со државниот орден на Србија, официјално доделен во февруари минатата година по повод Денот на државноста за неговиот „исклучителен придонес кон претставувањето на Србија во сферата на културата“.

Контроверзниот австриски лауреат на Нобеловата награда, кој беше прогласен за непожелен во Сараево, а подоцна и на Косово, поради неговата поддршка за Слободан Милошевиќ и негирањето на геноцидот, од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ беше одликуван со медал – „Караѓорѓева Ѕвезда“ со порака: „Среќен е српски народ што го има Хендке за пријател “.

„Ви благодарам за сè што правите за нашата земја“

“Со прифаќање на нашиот орден, писателот ѝ прави голема чест на Србија, а со доделување на овој најважен орден, Србија покажува благодарност до својот академик и пријател Хандке. Ви благодарам за сè што правите за нашата земја”, рече Вучиќ за време на доделувањето од високиот државен орден..

Хандке изјавил дека „тој не бил подготвен да добие толку важен орден“ затоа што наводно му било кажано само дека „ќе се сретне со претседателот на Србија и ќе испие кафе“ и затоа не подготвил говор.

„Секогаш на Србија се сеќавам со задоволство, ви благодарам за оваа чест“, рече Хандке, кој не присуствуваше на церемонијата на доделување на орденот во февруари 2020 година.

Поддржувач на Милошевиќ

Нобеловата награда за Хандке во 2019 година предизвика контроверзии затоа што го поддржуваше режимот на Слободан Милошевиќ за време на војните во поранешна Југославија и ги негираше злосторствата како геноцидот во Сребреница.

Честитајќи му ја на Хандке Нобеловата награда во декември 2019 година, шефот на српската држава, обраќајќи му се на австрискиот писател како „почитуван пријател“, оцени дека тој е „запишан меѓу бесмртните“ и додаде дека Србија го слави како свој Нобеловец.

Вучиќ тогаш оцени дека оваа награда на Хандке е признание за „исклучително книжевно дело, знаење и креативност, но и за неприкосновени морални квалитети, за храброст и достоинство, со кои се бори за своите идеали на врвен интелектуалец“.

Одликуван и од Додиќ

На 7 мај, Хандке беше во Бања Лука како гостин на претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додиќ и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, кога му беше доделен орденот на Република Српска.

Австрискиот писател тогаш ја доби „Големата награда Иво Андриќ“ од режисерот Емир Кустурица во Вишеград за книгата „Вториот меч – мајската приказна“, објавена во 2020 година.