Вучиќ: Нема решение без САД, Германија или Русија

Српскиот претседател, Александар Вучиќ кој оствари средба со американскиот сенатор, Рон Џонсон истакна дека договор со Приштина не може да биде постигнат без САД, како ни без Германија и Русија.

„Било каков договор е многу тешко и речиси е невозможно да се постигне, но треба да дадеме сѐ од себе. Ако дојде до договор, многу е важно сите големи сили да го поддржат. Мислам дека големите сили пред сѐ треба да ги поттикнат разговорите“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Русија секогаш била на нивна страна.

„Русија досега секогаш беше на наша страна, на страната на меѓународното право, исто како што САД и Германија мислеа дека се на страната на меѓународното право кога стана збор за признавањето на Косово. Затоа потребно ни е решение со кое и двете страни ќе бидеме подеднакво незадоволни или барем малку задоволни“, заклучи Вучиќ.

Во однос на средбата со Џонсон, српскиот претседател рече дека сенаторот секогаш сакал да слушне што имаат да кажат Србите, се залагал за мир на Балканот и се трудел со својот авторитет, знаење и присуство да допринесе кон создавање на компромисно решение помеѓу Србите и Албанците.

Во рамки на средбата, Вучиќ го запознал Џонсон со ситуацијата на Косово и Метохија пришто, како што рече, истакнал дека е исклучително важна помошта од регионот и светот. Според Вучиќ важно е тие да слушнат што се говори, а не да излегуваат од контекстот.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари