На заедничката прес-конференција, Ердоган истакнал дека сите страни мора да се воздржат од потези кои можат да и` наштетат на интегритетот и суверенитетот на БиХ во актуелната криза, поттикнати од пораките и однесувањето на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој ја смета БиХ за нефункционална држава и инсистира на независност за Република Српска..

Тој го посочил договорот со Вучиќ дека поддршката на Србија за интегритетот на БиХ е важна за мирот и стабилноста на целиот регион, јавуваат белградските медиуми од Анкара. Турција, рече Ердоган, ќе продолжи да прави напори и да прави се` што е можно за да ги намали тензиите на Балканот.

Вучиќ минатата недела се сретна со Додик во Белград и го повика него и сите политички сили во Република Српска да учествуваат во работата на заедничките институции во БиХ и најдобро да ги заштитат интересите на српскиот народ и РС, соопшти тогаш кабинетот на Вучиќ.

Турскиот претседател рече дека со Вучиќ е постигнат договор по изборите во Србија во април да се одржи заедничка седница со трипартитното претседателство на БиХ, во Белград или Истанбул.

„Со оваа средба ќе преземеме чекори за обезбедување на територијалниот интегритет на Босна“, рече Ердоган. Вучиќ рече дека е важно „да ги туркаме нашите земји напред, да извлечеме поуки од минатото и да изградиме подобра иднина за регионот“.