Eвропска комисија: Нема напредок во дијалогот помеѓу Белград и Приштина

Во новата рунда преговори на техничко ниво меѓу Србија и Косово не е постигнат напредок, соопшти Европската комисија и ги повика двете земји да ги зајакнат напорите за спроведување на веќе постоечките договори.

Главна тема на разговорите во Брисел беа токму договорите склучени во рамките на дијалогот како Заедницата на српските општини, енергетиката, граничното управување и слободата на движење.

„Иако разговорите се продлабочени, не е постигнат напредок. Европската унија ги повикува двете страни да ги интензивираат напорите во однос на примената на договореното, потсетувајќи дека напредокот во нормализација на односите е клучен елемент на европскиот пат“, изјави портпаролот на Европската комисија Маја Коцијанчиќ.

Со белградската делегација на тридневните разговори (од 19-21 март) на експертско ниво раководеше директорот на владината Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, а приштинската делегација беше предводена од Авни Арифи.  Според белградското издание „Вечерње новости“ состанокот, на којшто требало да се разговара за слободата на движење, не се одржал воопшто поради неподготвеноста за дискусија, за што Белград ја обвини Приштина.

„В петок претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, ќе се состанат во Брисел, за да го продолжат дијалогот за нормализирање на билатералните односи“, додаде уште Коцијанчиќ, потсетувајќи дека Брисел очекува целосно спроведување на сите постигнати договори меѓу Белград и Приштина, вклучувајќи го и оној за создавање на Заедницата на српски општини.

Претходниот дијалог меѓу Белград и Приштина на техничко ниво, посредуван од ЕУ, се одржа на крајот на февруари, по подолга пауза.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари