Тешка автобуска несреќа се случи утрово на автопатот кај Славонски Брод во Хрватска. Најмалку десет луѓе загинаа, а 30-ина се повредени. Локалната полиција објави дека станува збор за косовски автобус, кој патувал на релацијата Франкфурт-Приштина.

„Полицијата во 6:22 часот прими дојава за излетување на автобус. На местото на несреќата беше утврдено дека станува збор за автобус со косовски регистарски таблици, кој сообраќал на редовната линија Франкфурт-Приштина. Истрагата е во тек. Повеќе лица загинаа, а 30-ина се превезени во болница“, изјави началникот на полициската станица во Славонски Брод, Фрањо Галиќ.

Тој додаде дека меѓу загинатите и повредените има и деца, а според првичните информации, во автобусот имало повеќе од 60 патници.

„Ситуацијата е многу тешка. Голем број од повредените се во животна опасност“, додаде полицијата.

Засега не се познати причините за несреќата. „Јутарњи лист“ објави дека во автобусот имало двајца возачи, кои наводно се замениле зад воланот по запирањето во Загреб.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Анеса Салиху за „360 степени“ ја потврди информацијата која ја добивме од Сообраќајната полиција во Славонски Брод дека автобусот кој утрото излета од автопатот А3 кај Славонски Брод е косовски а не македонски, како што објавија дел од хрватските медиуми.

„Се случила голема трагедија. Според инфорамациите со кои располагаме, во несреќата животот го загубиле десет лица, а триесетина се повредени и се хоспитализирани. Увидот се уште трае и имајќи ја предвид состојбата, се уште не можеме да добиеме релевантно сознание дали меѓу патниците во автобусот имало и македонски државјани. Ја задолживме нашата амбасада во Загреб да ги преземе сите мерки и очекуваме од нив да не известат за ситуацијата“, вели Салиху.