logo
logo
logo

Во античкиот град Милетос во Турција, пронајдени куќи стари 2.400 години

Vecer | 25.09.2021

Во античкиот град Милетос во Турција, пронајдени куќи стари 2.400 години

За време на ископувањата извршени во античкиот град Милетос во подрачјето на Дидим, југозападната турска област Ајдин, пронајдени се две куќи што датираат од пред 2.400 години, за кои се смета дека ги користеле луѓе од средната класа според социјалната структура на тој период, јавува Агенција Анадолија (АА).

Кристоф Бернс, професор од Одделот за археологија на Универзитетот во Хамбург, рече дека Милетос, каде што живеел познатиот филозоф и математичар Талес, е еден од градовите што се истакнувале по филозофија, наука и уметност во античката грчка цивилизација и дека градот е познат како „град на филозофи“.

Наведувајќи дека во градот постои добра структура за урбанизација, позната како „систем на мрежа“, Бернс рече дека во досегашните студии откриле јавни објекти како што се театри, пазарни места и храмови.

Бернс истакна дека за време на овогодишните ископувања сакаат да ги извадат на виделина куќите од секојдневниот живот.

„Постојат две точки на кои сме фокусирани во нашите ископувања, куќи и улици... Ова е тема што не е многу истражена досега. Всушност, во минатото ископувани се главно јавни објекти, како што се храмовите, пазарите, но нема многу траги од секојдневниот живот на Милетос. Затоа, рековме да ги истражиме трагите од секојдневниот живот и животот на „обичните“ луѓе. Стигнавме до две куќи во кои пред 2.400 години живееле такви „обични“ луѓе. Знаеме дека куќите се мали по големина, но исто така знаеме дека има и поголеми. Работиме на ова прашање. Работиме на откривање на бројот на соби во куќите или деталите во нив“, рече Бернс.

Објаснувајќи дека куќите припаѓаат на луѓе кои се сметаат за „обични“ во општеството, Бернс додаде дека се возбудени затоа што ја прават најсеопфатната студија за животот во античкиот град.

Директорот за култура и туризам на општината, Умут Тунџер, посочи дека ископувањата во Милетос оваа година се многу продуктивни и дека интересот на странските туристи за античкиот град ќе се зголеми со откривањето на ваквите градби.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk