Случајност или политика

Украдено македонското знаме во Риека

Конзулот Горан Калоѓера, познатиот академик и хрватски македонист вели дека не треба да се крева голема врева околу овој случај, бидејќи за тоа нема реална основа

По кражбата на македонското знаме пред почесниот Конзулат на Република Македонија во Риека, конзулот Горан Калоѓера, познатиот академик и хрватски македонист вели дека не треба да се крева голема врева, бидејќи за тоа нема реална основа.

Конзулот Калоѓера, во изјавата за МКД.МК беше експлицитен дека станува збор за изолиран случај, а според неговите најнови сознанија од полициски извори не се работи за група која организирано го украла македонското знаме, ниту има каква било политичка заднина и импликации. Полицијата веќе располага со релевантни податоци, во прашање е хулиганизам, насилство и правење неред под дејство на алкохол.

Зградата каде што се наоѓа македонскиот конзулат е во близина на еден студенски клуб, каде на забави се собираат млади луѓе, кои понекогаш, под дејство на алкохол недолично се однесуваат. --

-Градоначалникот на Риека, Војко Оберснел изрази жалење и незадоволство од настанот и веднаш најостро го осуди. Тој предложи градот Риека да ја покрие направената штета и во секој момент се очекува македонското знаме повторно да се развиори на зградата на почесниот Конзулат на Република Македонија во Риека, и тоа на еден метар повисоко од претходната позиција, вели Калоѓера.

Инаку почесниот македонски конзул ќе побара од Приморско-горанската жупанија да постават и видео надзор пред македонскиот конзулат, за да се заштитат од вакви немили настани.

Ова е веќе втор пат македонското знаме да биде симнато во Риека, а еднаш е скршена и спомен-плочата напишана двојазично и на кирилица (ноември 2013 година), а поставена во чест на македонскиот преродбеник, лингвист и дипломат Андреја Д.Петковиќ. Сепак, конзулот Калоѓера смета дека сите тие инциденти се изолирани случаи и дека македонското национално малцинство во Риека ужива голем углед и почитување.

Македонскиот почесен конзулат во Риека беше отворен во 2010 година.

Поврзани

Најнови вести

Коментари