Тој потврди дека денеска се убиени 11 лица, меѓу кои и две деца, а откри и нови детали од крвавиот поход на 34-годишниот Вук Бориловиќ од Цетиње. „Денес е трагичен ден не само за Цетиње, туку и за цела Црна Гора. Човечките животи се највредни и незаменливи, а денес изгубивме 11 мажи и жени, меѓу кои и две деца“, рече Брѓанин на почетокот на својот говор.

„Сочувствувам со семејствата на загинатите и од мое лично име и во име на Полициската управа им упатувам најдлабоко сочувство и бидејќи во моментот на овој настан не бев во Подгорица, вечерва ќе заминам за Цетиње. Исто така, се надевам дека повредените брзо и успешно ќе закрепнат“, продолжил тој.

Шефот на црногорската полиција ги откри првите официјални информации со кои располага. Тој рече дека убиените деца се на возраст од осум и 11 години.

„Според засега познатите околности, денеска околу 15 часот и 30 минути, триесет и четиригодишниот цетињанец В.Б., пукал во семејство, чии членови престојувале во стан во неговата куќа како потстанари во населбата Медовина..Во таа прилика, со употреба на огнено оружје – ловечка пушка, им ги одзел животите на две деца од кои едното на возраст од осум, а другото единаесет и ја ранил нивната мајка, која им подлегнала на повредите во медицинска установа.Потоа излегол надвор и со истото огнено оружје ги застрелал жителите на оваа населба, при што загинаа уште седум лица, а шестмина беа повредени“, рече Брѓанин, пренесува РТЦГ.

„По барање на граѓаните, на местото на инцидентот се испратени полициски службеници, при што во размената на оган еден полицаец е тешко повреден. Засега не е јасно што го натерало В.Б. да направи ваков грозоморен чин, во кој и самиот го загуби животот“, додаде тој.

Брѓанин вели дека се уште се утврдуваат околностите на целиот настан, вклучително и одземањето на животот на Вук Бориловиќ и дека јавноста навреме ќе биде информирана за сите детали.

„Сакам да изразам надеж дека никогаш повеќе нема да бидеме сведоци на ваква трагедија во Црна Гора. Верувам дека сите ја почитуваме болката на семејството и им благодарам на медиумите за коректниот однос во известувањето досега и апелирам да продолжиме да известуваме со максимална претпазливост“, заклучи тој.

Црногорските медиуми , повикувајќи се на очевидци велат дека сосед го застрелал Бориловиќ, кој загинал на самото место , а не полицијата. Пред да го почне крвавиот поход низ населбата монструмот ги убил децата и тешко ја ранил жената на потстанарот, а потоа му се јавил на телефон и му кажал дека ги убил.