Турковиќ во објава на Фејсбук појасни дека добила писмо од Столтенберг во кое генералниот секретар на НАТО ја уверува дека се преземаат сите мерки на претпазливост поради нестабилната безбедносна ситуација на европскиот континент по руската агресија врз Украина.

„Руската агресија против Украина суштински ја поткопува европската безбедност. Затоа НАТО е подготвен да продолжи да ги поддржува партнерите кои можат да бидат изложени на малигно влијание и притисок (од Русија) со цел да се зајакне нивната отпорност. Како што знаете, НАТО развива сет на мерки, особено скроени за Босна и Херцеговина во согласност со вашите потреби“, се вели во писмото на Столтенберг, цитирано од Турковиќ.

Тоа е всушност одговор на писмото што Турковиќ го испрати до седиштето на ОН, НАТО и на адресите на лидерите на ЕУ уште во април, а во кое беа предупредени за безбедносни закани за Босна и Херцеговина по избувнувањето на војната во Украина, а особено за разбудените сепаратистички амбиции на политичкото раководство на босанските Срби.

Столтенберг во својот одговор ја повтори својата јасна поддршка за евроатлантскиот пат на БиХ, односно нејзина интеграција и во Европската унија и во НАТО и најави продолжување на соработката во насока на спроведување на реформите неопходни за постигнување на овие цели.

Генералниот секретар на НАТО изјави дека стабилноста на Западен Балкан е долгорочна стратешка цел на Алијансата на која останува посветен до крај. Тој изрази загриженост за сепаратистичката реторика и активностите кои го загрозуваат одржувањето на Дејтонскиот договор.

Тој исто така изјави дека НАТО силно и јасно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и функционирањето на нејзините институции.