logo
logo
logo

Српските безбедоносни служби му даваат поддршка на Вучиќ во преговарачкиот процес со Приштина

Vecer | 18.03.2023

Српските безбедоносни служби му даваат поддршка на Вучиќ во преговарачкиот процес со Приштина

На денешната седница на Бирото за координација на работата на српските безбедносни служби, со која претседаваше секретарот на Советот за национална безбедност и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, беше констатирано дека безбедносната состојба во Србија е стабилна, а Бирото дава безрезервна поддршка на напорите на претседателот Александар Вучиќ, во преговарачкиот процес со Приштина, под покровителство на меѓународната заедница, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението по седницата се наведува дека на неа се разговарало за актуелната состојба во Србија, со посебен осврт на состојбата во Косово, предизвиците од илегалните мигранти низ целата земја, како и други закани за состојбата на јавниот ред и мир во земјата.

Дачиќ во изјава за медиумите по седницата изјави дека безбедносната состојба во Србија е стабилна, но дека безбедносните служби ќе продолжат да работат на зачувување на мирот и безбедноста во нашата земја.

- Бирото дава безрезервна поддршка на напорите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во преговарачкиот процес со привремените институции во Приштина, особено имајќи ги предвид огромните притисоци кои се вршат врз него од странство, но и од нивните „изведувачи на работите“ во земјава, рече Дачиќ.

Тој оцени дека ситуацијата во светот е многу сложена и на работ на конфликт на големите сили, но дека мора да се зачува мирот и стабилноста во земјата.

Како што се наведува во соопштението, констатирано е дека сите сегменти од безбедносниот сектор, во согласност со нивните надлежности, се целосно ангажирани за зачувување на мирот и стабилноста во земјата, како и безбедноста на граѓаните на Србија.

На седницата на Бирото присуствуваа членовите на ова тело: министерите за одбраната и за внатрешни работи, Милош Вучевиќ и Братислав Гашиќ, директорите на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин, на Воено-безбедносната агенција, генерал-мајор Ѓуро Јованиќ и на Воено-разузнавачката агенција, генерал-мајор Зоран Стојковиќ, како и директорот на Канцеларијата на Советот за национална безбедност и заштита на тајните податоци, Горан Матиќ./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk