Некои мислат дека ова е Тројански коњ

Србите во Црна Гора ќе добијат своја куќа

Во Подгорица наскоро ќе биде отворена "Српска куќа". Изградбата ја финансира владата на Србија, а би требало да помогне за развој на српските културни и научни институции во Црна Гора. Некои сметаат дека ова всушност е Тројански коњ, пишува ГлобалЦир.ком

Односите помеѓу Србија и Црна Гора се најдобри во последните 20 години, сметаат официјални претставници од двете држави, а тоа не го наруши ниту членството на Црна Гора во НАТО. Премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ во февруари за своја прва билатерална официјална посета го одбра токму Белград. – Се чувствувам како дома. Не е чудно што за моја прва официјална билатерална посета ја одбрав Србија, изјави во таа пригода Марковиќ.

Црна Гора во меѓувреме стана членка на НАТО. Иако можеби се очекуваше жестока реакција на официјален Белград, се остана на ниво на порака која Александар Вучиќ ја испрати за време на февруарската средба со Марковиќ. – Секој има право да донесува одлуки за себе. А ние нивните одлуки не ги доживуваме како каква било закана за Србија, рече во тоа време премиерот а денес претседател на Србија Вучиќ.

Во разговор со колумнистот на подгорички "Вијести" Славољуб Шќекиќ, кој ги следи случувањата во Србија, се испитува мислењето дали пораките на официјалните претставници денес имаат подлога во реалниот живот.

-Со оглед на сличниот карактер на едната и другата власт и односите кон институциите, извесно е дека пред се станува збор за приватни релации на Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ. НАТО сигурно не е темата која би ги нарушила односите помеѓу двајцата шефови на режими, па тоа не можеше да се одрази ни на односите на двете држави. Затоа немаше никаква поостра реакција кон Подгорица, дури ни во контекст дека против тој сојуз се главно српските партии во Црна Гора, вели Шќекиќ.

Меѓу тие партии е и Нова српска демократија, на чијашто иницијатива "Српската куќа" во Подгорица наскоро ќе биде отворена. Извршниот директор на "Српска куќа" е нејзиниот некогашен пратеник Емило Лабудовиќ, кој за разлика од државните претставници смета дека односите помеѓу Србија и Црна Гора се на најниско ниво во последните десет години.

-Приемот на Црна Гора во НАТО само дополнително ја влоши и онака лошата ситуација, оти Црна Гора како членка на Алијансата веќе се најде на списокот на потенцијални политички противници на Србија, која упорно ја штити својата позиција на неутралност и блиски врски со сите па и со традиционалниот пријател Русија. Сето тоа се обидува да се прикрие и маргинализира, но граѓаните на Црна Гора се оние кои веќе на своја кожа ги чувствуваат ефектите од тоа заладување, вели Лабудовиќ за Дојче Веле.

Лидерот на Нова српска демократика Андрија Мандиќ во февруари го посети Вучиќ и побара поддршка за изградба на "Српска куќа". Владата на Србија издвои 3,4 милиони евра за да го пмогне "развојот на културното и и историското наследство на српскиот народ во Црна Гора".

-Улогата на Српската куќа е да им даде покрив на научните и културните институции на српскиот народ во Црна Гора кои благодарение на крајно игнорантскиот однос на тукашните власти беа поттурнати на маргините. Дел од овој простор ќе биде ставен во функција на Српскиот културен информативен центар, кој на културните и научните институции, здруженија и истакнати поединци од српска провиниенција ќе им овозможи простор и технички услови за работа, објаснува Лабудовиќ.

Но, симптоматично е што Вучиќ во име на Србија ја поддржа идејата на политичар кому во Црна Гора му се суди за – државен удар. На Андрија Мандиќ и дел од неговите партиски колеги во Подгорица им се суди за кривични дела создавање криминална организација, тероризам во обид и подготвување активности против уставниот поредок и безбедноста на Црна Гора. Ситуацијата дополнително ја компликува ставот на црногорските официјални претставници дека во сето тоа е вмешана Русија, вековниот пријател на обете држави.

-Инаку, одлуката за оваа институција дојде како утешен потег по одбивањето на Вучиќ по барање на претставникот на Демократски фронт, остро да реагира на апсењето и обвиненијата за лидерите на ова движење во аферата државен удар, а не како дел од претходно осмислена државна политика кон дијаспората, смета новинарот Шќекиќ.

Шќекиќ, кој денес живее во Србија, смета дека кога ќе се согледа реалниот живот, има простор за унапредување на односите. Тој вели дека поправањето на односите помеѓу Србија и Црна Гора не беа адекватно проследени со меѓудржавни договори кои на граѓаните од обете страни на границата ќе им ги поедностават практичните потреби како школувањето, лекувањето, засновањето работен однос и слично.

-Само на лица од Црна Гора кои се декларираат како Срби, во Србија им се овозможени привилегии за школување. Граѓаните на Србија и Црна Гора за работа во другата држава имаат статус на странец, и други проблеми, вели Шќекиќ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари