logo
logo
logo

Случај Беливук: ПЕТ РАБОТИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ЗНААТ за случајот кој ги тресе Србија и Балканот

Vecer | 23.07.2021

Случај Беливук: ПЕТ РАБОТИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ЗНААТ за случајот кој ги тресе Србија и Балканот

Случајот со Вељко Беливук, кој беше уапсен на почетокот на февруари и осомничен за сериозни злосторства, вклучително и убиства, со месеци привлекува големо внимание. Но, што се случува?

Апсења пред камери, „таен бункер на стадион“, фотографии од осакатени тела на телевизија и обвинувања за врски помеѓу криминал и политика.

Случајот со Вељко Беливук и неговата криминална група, осомничени за најтешки злосторства, вклучувајќи убиства и тортури, е полн со детали слични на највозбудливите политички трилери и ги тресе Србија и Балканот со месеци.

Беливук, уапсен на почетокот на февруари, е повторно на насловните страници откако мрежата за истраги за криминал и корупција (КРИК) напиша за наводните детали од неговото сослушување во обвинителството.

Беливук, пишува КРИК, негира дека е убиец и не сака да одговара на прашања во врска со тоа, но детално зборувал за наводната врска со државниот врв и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Истиот ден по објавувањето на изјавата, Вучиќ негираше дека некогаш го видел.

Познат под прекарот Веља Невоља, Беливук беше водач на дел од навивачите на Партизан, а тој и неговата група се осомничени за пет убиства, тортура и трговија со дрога.

Случајот е сè уште под истрага и досега не е покренато обвинение.

Ова се петте работи што го обележаа овој контроверзен случај досега.

Сослушување

На рочиштето во Обвинителството за организиран криминал на 5 јули, Беливук наводно изјавил дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и неговите соработници побарале од него повеќе услуги, пишува КРИК.

Тој рече дека Вучиќ и неговите соработници во претходните години го замолиле да контролира трибините на Партизан да не извикуваат против претседателот и да ги заплаши оние што организирале протести против владата, стои во транскриптот од сослушувањето на Беливик за кој увид имале новинарите на КРИК.

Од него исто така било побарано да обезбеди мирно одржување на Парадата на гордоста во Белград, но и да влијае врз таксистите да ги откажат протестите против апликацијата за транспорт „КарГо“, според КРИК.

Пред неколку години, навивачите на Партизан извикуваа погрдни пароли на натпреварите против Вучиќ, сметајќи го дека е директно одговорен за распадот на клубовите во рамките на спортската асоцијација.

На некои натпревари, групата на Беливук нападна други навивачи кои извикуваа погрдни пораки упатени до Вучиќ, за кои пишуваа порталите Мондо и Еспресо.

Списанието Време во 2016 година пишуваше и за погрдни извици против Вучиќ на кошаркарскиот натпревар Партизан - Цедевита во регионалната АБА лига на почетокот на 2016 година и следните настани.

На 22 јули 2021 година, Агенцијата Бета извести за нови инциденти меѓу навивачите на Партизан поради извици против Вучиќ на меѓународен фудбалски натпревар.

Членовите на жандармеријата интервенираа во 15-та минута од натпреварот помеѓу Партизан и словачкиот тим Дунајска Стреда во Белград, додека навивачите се преселија од јужната трибина на исток и физички ги нападнаа гледачите кои скандираа против управата на клубот и претседателот на Србија .

По кратка борба, еден дел од навивачите ја напуштија трибината, па полицијата интервенираше, пренесе Бета.

Навивачите кои ја предизвикаа тепачката ја прескокнаа оградата и непречено се вратија на јужната трибина преку атлетската патека, во што полицијата не ги спречи. Фотографиите и снимките од инцидентот ги објави порталот direct.rs.

Според КРИК, Белувик изјавил дека го видел претседателот Вучиќ лично неколку пати, и дека бил член на Српската напредна партија од 2011 година.

Сузана Васиљевиќ, советник на Вучиќ, за КРИК изјавила дека Вучиќ нема да дава изјави за ова додека трае истрагата, но претседателот набрзо се огласи.

„Никогаш во животот не сум го видел тој човек, ниту  сум разговарал со него“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека „убијците и касапите се обидуваат да се извлечат политички“, дека „ќе и се обрати на нацијата по ова прашање“ во рок од 48 часа и дека е подготвен да оди на полиграф.

КРИК пишува дека Беливук започнал да зборува за односот со државниот врв по сопствена иницијатива за време на испрашувањето.

„Одлучив да кажам сè убаво за мојот однос со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, министерот за полиција, Александар Вулин, братот на Вучиќ, пријателите, кумовите и сите други политичари кои од нас бараа услуги, и сега се прават дека не се познаваме и ги перат рацете од нас“, рекол Беливук пред обвинителот, пишува КРИК.

Беливук наведува дека одржувал контакт со претседателот преку Александар Видојевиќ, познат како Аца Рошави, навивач на Партизан и наводно пријател на синот на Вучиќ.

Во изминатите години, медиумите објавија неколку фотографии од синот на претседателот Вучиќ Данило, во друштво на Видојевиќ.

Вучиќ, наводно, го замолил Беливук да спречи да се подигне навредлив транспарент против ќерката на Звездан Терзиќ, директорот на фудбалскиот клуб Црвена Звезда.

"Ние го сторивме тоа, а потоа Терзиќ ми се јави да ми се заблагодари и да праша колку чини. Рековме дека тоа е направено како услуга и тоа за пријател не чини ништо, рекол Беливук во истрагата, пренесува КРИК.

Беливук тврди дека наводно имал контакти со Дарко Глишиќ, висок функционер на СНС, додека еден од членовите на неговата група имал контакт со министерот за полиција Александар Вулин.

Глишиќ, претседател на Извршниот одбор на СНС, изјави малку подоцна дека сведочењето на Беливук е „озлогласена лага“, а неговите тврдења ги демантираше и компанијата „КарГо“.

Фотографии

За време на викендот, министерот Вулин за време на гостувањето во Пинк телевизија покажа фотографии од наводните жртви на Беливук.

На фотографиите се гледа Беливук и друг член на неговата група како држат лице „пред колење“, тврди Вулин.

Беа прикажани делумно цензурирани фотографии на обезглавен труп, тело прободено со неколку ножеви, како и отсечени човечки стапала.

Вулин изјави дека тие фотографии биле откриени во мобилните телефони на групата Беливук и дека сите злосторства, наводно, биле извршени во куќа во Ритопек, близу Белград.

„Сите (жртви) се навивачи на Партизан, тие се заклани од други навивачи на Партизан, ние го утврдивме идентитетот на сите нив ... (Фотографиите) се нивни трофеи, тие се пофалија со тоа“, рече Вулин во ТВ-емисијата „Хит твит“.

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и Здружението на новинари на Србија (УНС) исто така го осудија прикажувањето фотографии за време на емисијата на националната телевизија во ударниот термин и ги повикаа медиумите „да го почитуваат достоинството на жртвите и да не ја вознемируваат јавноста."

Потоа се огласи Оливера Зекиќ, претседател на Советот на регулаторно тело за електронски медиуми, велејќи дека нејзиниот став е дека нема да забрани такви сцени.

„Пошироката јавност мора да биде информирана за моменталната состојба во земјата и за оправданоста на борбата против криминалот“.

„Ова се фотографии со едукативен карактер“, рече Зекиќ за „Данас“.

Вулин и Вучиќ покажаа слични фотографии од наводните жртви на Беливук на почетокот на март, на прес-конференција по седницата на Советот за национална безбедност.

За што се сомничи групата на Беливук?

На 4 февруари 2021 година, десетици новинари и полицајци се најдоа пред стадионот „Партизан“.

Неколку часа претходно беа уапсени 19 лица, меѓу кои Беливук.

„Оваа криминална група беше многу добро организирана и требаше сериозно време да се обезбедат валидни докази за овој случај“, рече Богдан Пушиќ, тогаш шеф на одделот за криминалистичка полиција во Министерството за внатрешни работи.

Како што изјави, апсењето испрати „јасна порака за решеноста на државата да се справи со организираниот криминал“.

Министерот Вулин тогаш изјави дека ова е „најсилната криминална група од земунскиот клан“, чии членови, меѓу другото, се одговорни за убиството на премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ.

Беливук наскоро бил донесен на стадионот со силни полициски сили, кој бил целосно блокиран, а при претресот во просториите било пронајдено оружје и дрога.

Полицијата беше и на стадионот „Црвена звезда“, каде беше пронајдена и дрога.

На почетокот, групата на Беливук, меѓу другото, се сомничеше за три убиства - Милан Љепоја, Горан Величковиќ и Здравко Радојевиќ.

На почетокот на јули истрагата беше проширена, бидејќи обвинителството се сомнева дека Лазар Вукичевиќ и Александар Глигоријевиќ се меѓу жртвите на групата.

Обвинителството тврди дека кланот на Беливук користел куќа во белградската населба Ритопек за убиствата, каде ги намамувале жртвите.

„Во таа куќа, куќа на ужасите, биле несени луѓе кои беа убиени на најсуров и најмонструозен начин“, рече Вулин.

Во куќата е откриена тајна просторија полна со оружје и експлозив, објави полицијата во април.

Во таа просторија е пронајдена и индустриска машина за мелење месо и коски, изјави Вулин, на која подоцна беа пронајдени траги на ДНК на неколку жртви.

Уште шест лица за кои постои сомневање дека биле членови на групата Беливук се уапсени во мај, соопшти МВР.

Вук Вучиниќ, еден од уапсените, кој е осомничен дека го донел Горан Величковиќ во неговата куќа во Ритопек, беше ослободен од притвор оваа недела.

Односи со политиката

Во деновите по апсењето, Владимир Вулетиќ, поранешниот потпретседател на Партизан, кој поднесе оставка по апсењето на Беливук, беше испрашуван во Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК).

На распит беа и Дијана Хркаловиќ, поранешен државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Србија и Славиша Кокеза, претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија.

Според медиумите, и Вулетиќ и Хркаловиќ се согласиле на полиграфско тестирање, но не можеле да го направат тоа од здравствени причини, додека Кокеза одбила полиграф.

Обвинителството истражува и одредени врски што Беливук и неговите соработници ги имале во полицијата, пишува КРИК.

Вучиќ изјави дека владата не ги расчистувала сметките со кланот на Беливук навремено затоа што тој имал „јатаци во редовите на Министерството за внатрешни работи “.

Истрагата се води против инспекторот на Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК), Божидар Столиќ, поради сомневање дека тој и давал доверливи информации на групата, според КРИК.

Горан Папиќ, поранешен заменик началник на СБПОК, се сомнева дека тој влијаел на враќањето на одземениот автомобил на соработникот на Беливук, Марко Миjковиќ, додаваат тие.

За време на истрагата против Папиќ во Вишото јавно обвинителство сведочеше и Небојша Стефановиќ, поранешен министер за внатрешни работи и сегашен министер за одбрана.

Постапката се води и против двајца полицајци осомничени за површен претрес на еден од становите што ги користела групата како дел од акцијата за апсење на тимот на Беливук, според КРИК.

Сепак, како што наведуваат, односите на кланот со Ненад Вучковиќ Вучко, полицаец, кој наводно имал врска со еден од најмоќните лица во полицијата, досега не биле испитани.

Новак Недиќ, генералниот секретар на Владата на Србија, кој наводно вежбал пукање со Беливук и неговите соработници на военото стрелиште во Панчево, не бил испрашуван, тврди КРИК.

Според наводите на овој портал, членовите на групата Беливук ја обезбедиле инаугурацијата на претседателот Вучиќ во 2017 година, а тие често биле гледани во друштво на неговиот син Данило.

Прашањето за исчезнатите

Петнаесет помлади мажи исчезнаа во последните две години и се верува дека се убиени во судири меѓу домашни криминални групи, објави КРИК во февруари.

Најмладите меѓу нив се 22-годишниот Вукашин Гошовиќ, една година постариот Страхиња Марковиќ, Филип Марјановиќ, Дарио Ѓорѓевиќ, Горан Михајловиќ и Дамир Хоџиќ.

Најстариот е Јово Кецман, 51 година.

Единственото исчезнато лице чие тело беше пронајдено е 27-годишниот Александар Халабрин, но не е утврдено кој го убил.

„Некој ги уби нашите синови, а сега се чини дека сакаат да ги убијат и нивните мајки“, рече неговата мајка Мара Халабрин по објавувањето на фотографиите на телата на жртвите чии убиства се сомневаат од кланот Беливук.

Родителите на жртвите повеќепати апелираа до медиумите и официјалните лица да не ги објавуваат деталите за злосторството.

„Се ежиме или минуваме канал, но ве копка и сепак гледате, тоа е нешто за нас, дури и мојот син, кого го закопав, веројатно има право да почива во мир“, рече таа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk