logo
logo
logo

Словенија: Државните службеници МОРА да се вакцинираат

Vecer | 17.09.2021

Словенија: Државните службеници МОРА да се вакцинираат

Сите вработени во државната администрација во Словенија ќе треба да се вакцинираат против Ковид-19, а негативниот тест за коронавирус веќе нема да им биде доволен за да дојдат на работа, како и за останатите невакцинирани граѓани, одлучи словенечката Влада.

За да можат да работат, ако досега не се вакцинирани или веќе ја прележале болеста, ќе треба да докажат дека ја примиле првата доза од вакцината до 1 октомври и втората до 1 ноември, освен ако не се одлучиле за вакцината Џонсон и Џонсон, која обезбедува заштита по примена една доза.

Одлуката, со која сака да се даде пример за остатокот од населението да се вакцинираат колку е можно поскоро, ја донесе Владата доцна синоќа на седница, а подетално ќе биде објаснета денеска на прес-конференција.

Заострувањето на анти-епидемиските мерки според кои за работа, јавниот превоз, одењето во трговски центар, банка или пошта, како и голем број други активности, е потребно сертификат за вакцинација против коронавирус или негативен тест, е во сила од средата, кога во Љубљана се одржаа антивладини протести, на кои по инцидент интервенираше полицијата.

Според објавената анкета пренесена од медиумите, повеќе од 40 проценти од луѓето се против такво заострување на мерките, а многумина таквите услови за работа ги сметаат дискриминаторски.

Премиерот Јанез Јанша изјави дека и покрај протестите и незадоволството, Владата нема да се откаже од своите мерки против ширење на инфекцијата, а ограничувањата по самото објавување во голема мера го зголемија интересот за вакцинација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk