logo
logo
logo

ШТО ПЛАНИРА АЛБАНИЈА, а има интерес за тоа во Македонија

Vecer | 12.03.2021

ШТО ПЛАНИРА АЛБАНИЈА, а има интерес за тоа во Македонија

Соседна Албанија има планови кои можат да бидат од голем интерес и во Македонија.

Минатата недела албанската влада избра швајцарска корпорација за изградба на нов меѓународен аеродром од 104 милиони евра. Аеродромот ќе се наоѓа на југозапад, во близина на градот Валона. Изградбата на втор меѓународен аеродром е последица на напорите за унапредување и зајакнување на туризмот и економскиот развој.

Министерството за инфраструктура и енергија изјави дека корпорацијата „Мабко Конструкшн“, со седиште во Лугано, ќе ги плати трошоците за изградба и ќе добие 35-годишна концесија за управување со аеродромот. Првиот дел од изградбата, кој се очекува да започне на крајот на оваа година, ќе трае 36 месеци, пишува магазинот Травел.

Министерката за инфраструктура Белинда Балуку потврди дека пандемијата имала најнегативно влијание врз авионската индустрија, која постојано страда од тоа.

Сепак, таа додаде дека владата верува дека за време на периодот на опоравување, Албанија има можност да изгради аеродромска мрежа. Главен финансиер на конзорциумот е Беџет Пацоли, албански бизнисмен и политичар.

Конзерваторските групи побараа од владата да се откаже од проектот, истакнувајќи дека изградбата сериозно ќе ги оштети западните мочуришта во заштитеното подрачје Војужа-Нарта.

Меѓународниот аеродром во Валона ќе се наоѓа на 150 километри југозападно од главниот град Тирана, во близина на лагуната Нарта и реката Војуса. Ќeе има писта од 3,2 километри, а се планира да може да прими до два милиони патници годишно.

Исто така, ќе понуди услуги за одржување на авиони, кои во моментов не се достапни.

Во моментов, Албанија има само еден меѓународен аеродром. Тоа е аеродром во близина на Тирана, Мајка Тереза. Уште еден помал аеродром кој е во близина на Кукс, на североисток, се очекува да профункционира за неколку недели. По Валона, Тирана планира да изгради уште еден аеродром во Саранда, на самиот југ од земјата.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека со четири аеродроми Албанија ќе се пресели во сосема поинакво ниво на социјален и економски развој. Туризмот во Албанија, една од најсиромашните земји во Европа, доби важност во последните неколку години.

Сега тој сочинува 8,5% од БДП на оваа земја. Бројот на странски туристи се зголеми двојно во периодот од 2013 до 2019 година, на 6,4 милиони.

 



© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk