Флоријан Бибер:

Шпанија не е Југославија, Војводина не е Каталонија

Експертот за Балканот од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер го спореди забранетиот референдум за независност на Каталонија со неколку балкански случаи

Експертот за Балканот од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер го спореди забранетиот референдум за независност на Каталонија со неколку балкански случаи.

Тој прецизира дека Шпанија не е Југославија, ниту, пак, Каталонија е Словенија или Хрватска, како што Истра, Војводина или Република Српска не се Каталонија.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Бибер истакнува дека причините, динамиката и политичките процеси кои водат кон создавање некое движење за независност се специфични, но успесите, вели, се препишуваат на групите за независност, а поразите на државите.

Тој напоменува дека единствената клучна разлика меѓу Косово и Каталонија е насилството.

И покрај жестоката полициска интервенција во неделата, според него, движењето за независност на Каталонија не може да тврди дека се работи за историја на репресија, како што тоа го можеше Косово.

- Дури и пред војната од 1998-99 година, одземањето на автономијата сугерираше дека Косово не може да смета на некој договор за автономија со Србија, наведува Бибер, кој тврди дека ова не е случај кога е во прашање Каталонија, која ужива широка самоуправа, но и покрај „тврдоглавата и нефлексибилна политика што ја спроведува владата на Рахој, не може да се каже дека се наоѓа во иста позиција".

Бибер нагласува дека Шпанија е демократија, додека Југославија и Србија во деведесетите не беа тоа.

- Постои споредба во фактот дека колку повеќе центарот е побескомпромисен и тврд, тоа е поизвесно дека народот ќе ја поддржи независноста, вели Бибер и додава дека сликите од насилството во неделата се најдобрата реклама за движењето за независност.

Тој потсетува дека неколку години пред референдумот во Словенија и Хрватска во 1990 година само малцинството беше за независност, но „политиката на тврда рака" на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ „ги катапултираше националистите на власт и обезбеди поддршка за оддалечување од Белград".

- Ова, секако, може да се повтори, иако ниту Војводина, ниту Истра не се потенцијални кандидати за тоа, вели Бибер, нагласувајќи дека најизвесно е независност во регионот да бара Република Српска.

- Додик го користи референдумот за да укаже на наводното лицемерие на Западот, но неговиот аргумент нема основа: Република Српска, како и Каталонија, не се соочуваат со репресија, смета Бибер.

Поради тоа клучно прашање за Босна и Херцеговина, како и за Шпанија, е како да се одговори на движењата за независност.

- Британскиот или канадскиот принцип на гласање е еден начин, но тука е можно само ако постои стабилен демократски процес кој гарантира дека гласањето може слободно да се одржи. Без дилеми, тоа е случај во Шпанија, рече Бибер.

Според него, во Република Српска референдумот би бил поврзан со многу поголеми ризици.

- Во фокус би го ставил тоа дали регионот, кој е создаден пред само 25 години преку масовно етничко чистење, може да бара право на легитимитет на историска област како што се Каталонија или Шкотска, вели Бибер.

Поврзани

Најнови вести

Коментари