logo
logo
logo

САД: Србија плаќа превисока цена поради невоведување санкции кон Русија

Vecer | 25.01.2023

САД: Србија плаќа превисока цена поради невоведување санкции кон Русија

Хил додаде дека САД ги разбираат искуствата на Србија со санкциите на кои претходно биле изложени.

„Разбираме дека Србија има историски однос и искуство со санкциите, но почнува да плаќа превисока цена за нејзината воздржаност во однос на санкциите против Русија, усвоени за да се запре бруталниот напад врз нејзиниот сосед (Украина)“, рече Хил, осврнувајќи се на санкциите под кои Србија беше во неколку наврати за време на владеењето на Слободан Милошевиќ.

На прашањето колку е реално Брисел да воведе санкции кон Белград доколку Србија не прифати нов европски предлог за решение на косовското прашање, американскиот амбасадор рече дека не е во позиција да зборува за можни санкции, оценувајќи дека ЕУ е сериозна во врска со санкциите што ги применува меѓународната заедница.

Хил рече дека САД „100 отсто го поддржуваат предлогот на ЕУ за Косово“ и оти има напредок бидејќи Европејците вложиле големи напори да ги зближат двете страни.

„Фер е да се каже дека тоа е процес, не е завршен додека не заврши“, рече Хил, потсетувајќи дека косовскиот проблем „ги оптоварува сите повеќе од 20 години“. Тој рече дека затоа „треба сериозно да го разгледаме“ предлогот на ЕУ и „да размислиме за начините како да го усвоиме и да работиме на него“.

Предлогот на ЕУ, поддржан од Германија, Франција, Италија и САД, беше претставен пред Белград и Приштина во септември и декември минатата година и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница во Косово. Белград е тој што инсистира дека формирањето на Заедницата на српски општини на Косово е клучната точка за продолжување на натамошниот дијалог за конечното решение.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата во петокот со претставниците на САД и ЕУ изјави дека Србија е „подготвена да го прифати концептот на европскиот план“ и да работи на спроведувањето на предложениот договор за дијалог со Косово.

Потоа, во понеделникот во обраќањето до српската јавност, тој рече дека планот што Вашингтон и Брисел го поставија пред Белград стана „де факто преговарачка рамка за влез на Србија во Европската унија“ и предупреди на низа политички и економски последици за Србија доколку не се прифати планот.

Тој нагласи дека американско-европските дипломати го предупредиле дека во спротивно Србија ќе се соочи со прекин на евроинтеграцискиот процес, укинување на безвизниот режим со земјите од ЕУ, запирање, а потоа и повлекување на инвестициите и „сеопфатни мерки во политичка и економска смисла“ што ќе ѝ нанесе голема штета на Србија.

Вучиќ денеска на Инстаграм објави видео порака до граѓаните во која истакна дека ја кажал „вистината за сите проблеми“ со кои се соочува Србија во однос на Косово.

Тој се пожали на реакцијата на опозицијата, обвинувајќи ги неговите политички ривали дека не разбираат „дека државата е поважна од политичките интереси на која било партија“ или на кој било поединец. Тој најави дека ќе им се обрати на претставниците бидејќи негова „обврска е да го почитува парламентот“.

„Ќе се појавам во Националното собрание, ќе одговорам на сите прашања и ќе се борам за Косово и Метохија и нашата Србија“, порача Вучиќ во видео пораката на Инстаграм.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk