„Република Северна Македонија“ предизвика поделби и во Грција

Грците денеска поделено реагираат на решението за името, пренесуваат тамошните медиуми. Лидерот на опозицијата, Мицотакис, тврди дека договорот е „длабоко проблематичен“.

Дипломатскиот маратон започнат минатата година, заврши вчера кога грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев објавија дека е постигнат договор за името кој гласи Република Северна Македонија.

„Договорот е добар за двете страни и создава безбедно опкружување на нашата северна граница. На Грција тоа и е потребно поради тензиите со Турција“, вели професорот по политички науки на атинскиот Универзитет, Пантеион, Василики Георијадо, за весникот „Та Неа“.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, изјави дека во договорот гледа голема дипломатска победа и одлична историска можност за пријателство, соработка и заеднички развој во регионот. Сепак, грчкиот премиер се соочи и со критики за постигнатиот компромис.

„Лош договор, длабоко проблематичен“, рече шефот на грчката опозиција, Киријакос Мицотакис, додавајќи дека прифаќањето на македонскиот јазик и етничката припадност е национална капитулација.

Критичарите на договорот веруваат дека Ципрас со мало мнозинство во парламентот нема легитимитет да го ратификува договорот. Неговиот партнер во владејачката коалиција, националистичкиот водач, Панос Каменос, одбива да го поддржи.

Еден од тројцата гувернери на грчката провинција Македонија, Апостолос Цицикостас, рече дека ова не е решение, туку национален пораз.

„Ова личи на некој прелиминарен договор, има голем број на фази на имплементација, па затоа треба да ги скротиме нашите очекувања“, изјави директорот за истражувања на Институтот за надворешни работи во Атина, Константинос Филис, за телевизијата СКАИ.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари