logo
logo
logo

Реакции во Србија по литургијата на помирување меѓу СПЦ и МПЦ-ОА

Vecer | 20.05.2022

Реакции во Србија по литургијата на помирување меѓу СПЦ и МПЦ-ОА

Позитивни реакции во сите срспки медиуми и јавноста по одржување на литургијата на помирување меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, за што сведочи и присуството на повеќе илјади верници кои беа на овој чин во Соборниот храм „Свети Сава" во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Сите значајни медиуми во Србија вчера, преку директен пренос или специјални емисии и коментари во ударните наслови ја проследија вчерашаната литургија на помирување на двете цркви со позитивна конотации на овој чин, истакнувајќи го како „Помирување по 55 години раскол" па се до насловите како „По пат на единство, до конечно решавање на статусот" и „Ставена точка на судирот на СПЦ со МПЦ", со назнака дека во сите текстови ја немаша придавката за нашата црква како „расколничка", што беше редовна практика до одржување на зедничката литургија.

По прв пат на официјалниот сајт на СПЦ беше објавена, и тоа во целост, вчерашната беседа на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан со наслов: „Архиепископ Стефан: Покажавме заедништво во најсветото, во крвта и телото Христово".

Во краткиот коментар за МИА, адокатот и политичар од СПС, битолчанецот Тома Фила, кој е и член на епархијскиот совет на Архиепископијата белградско-карловачка на СПЦ, позитивно го оцени целиот процес на литургиското помирување со МПЦ-ОА, нагласувајќи дека „огромно мнозинство на Соборот на СПЦ бил за оваа одлука" и дека „работите ќе се движат во позитивна насока".

Денеска стигна и реакција од Белградскиот католички надбискуп Станислав Хочевар кој испрати писмо до поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј во кое изразува „радост поради литургијата за помирување со Охридската архиепископија".

– Радувајќи се на троединиот Бог, Ви честитаме Вам, Ваша светост, како и на сите архиереји собрани на Соборот. Посакувајќи ви посебен Божји благослов и сила на духот од висините, братски ве поздравуваме, вели Хочевар.

Од реакциите на политичарите, покрај присуството на самата литургија на министерот за иновации во српската влада Ненад Поповиќ, ја бележиме и изјавата на лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, близок до СПЦ, кој изјави дека со литургијата на СПЦ и МПЦ-ОА „надминат е единствениот спор со Македонците".

-Несомнено е дека на ова претходеле сериозни црковни и дипломатски активности. Неговата светост патријархот Порфириј, очигледно, во неколку наврати се сретнал со врвот на македонската црква и сето ова е добро подготвено. На Соборот имаше само одлука која немаше да биде возможна да не беше добро подготвена… Ова е еден од ретките спорови што ги имаме со Македонците, кој е надминат на овој начин. Ова е добра вест и зборува за фактот дека патријархот Порфириј на еден начин ја води Црквата, се грижи за единството, за хармонијата и за некои вистински христијански вредности, изјави Обрадовиќ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk