Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во Белград, по средбата со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, изјави дека властите во Приштина планираат генерален напад на северот на Косово до 1 октомври и дека имаат поддршка од Квинте земји.

Вучиќ, кој сам им се обрати на новинарите наместо заеднички да му се обратат со Лајчак, рече дека Приштина им дала на Србите на северот на Косово до 30 септември да регистрираат возила со таканаречени таблички РКС.

– Суштината е во тоа што Западот си дозволува да може да прави се што ќе му падне на ум и се да се заснова на она што тие го кажуваат, дури и да нема врска со правото, а уште помалку со правдата, рече Вучиќ.

Тој изјави дека денеска разговарал со претставниците на Српската листа и дека му рекле дека „повеќе нема да толерираат упад“ на косовските единици.

– Мислам дека немаме друго оружје освен вистината, ќе ги молиме и верувам дека некој ќе биде паметен да одговори на нашите молби, а да дозволи нови „бури“ и „блесоци“, нема да го гледате тој филм, додаде тој.

Вучиќ рече дека Западот „не го интересира меѓународното јавно право“ и дека „сето тоа му кажал“ на Лајчак, со кого вечерва ќе го продолжи разговорот.

– Кога зборуваат за Украина, устата им е полна со Повелбата на ОН, а кога ќе ги спомнете Србија и Повелбата на ОН и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, тогаш замислете, ќе кажете сè Ајнштајн до Ајнштајн, сè Хегел до Хегел, кажа тој.

Тој изјави дека Србија нема нуклеарно оружје или нафта и затоа Западот „може да направи сè што сака на Србија или мисли дека може“.

Додаде дека ги моли косовските власти „да не го напаѓаат српскиот народ“ и дека премиерот на Косово, Албин Курти „сонува да биде“ на позицијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Курти сонува да биде Зеленски, понекогаш сонува дека е (германски филозоф) Хегел, но јас не сум загрижен за него, туку за оние кои го туркаат во сето тоа. Мојата порака е испратена до нив, не ме интересира тој е од мал калибар, но тие што мислат дека можат да ја уништат Србија и дека никогаш нема крај на уништувањето на Србија за да бидат доволно задоволни како многу ја уништија Србија, рече Вучиќ.

Тој вечерва неколку пати рече дека проблемот не е во тоа што западните претставници „мислат дека Србите се глупави, туку дека мислат дека се многу паметни“.

– Тие се обидуваат да стават крај на косовскиот проблем за (рускиот претседател Владимир) Путин да не им напраи „пет косова“, Доњецк, Луганск, Крим, Херсон, Запорожје, тие се обидуваат да завршат што е можно поскоро. Тоа им е можно, или барем така мислат, со тоа што се преправаат дека не е тоа, туку дека тоа е нешто нормално, претпоставувам демократски принцип, изјави Вучиќ.

Претседателот на Србија рече и дека клучното прашање е „кој е тој што ги прекршува меѓународните закони“.

– Ако ми кажете дека треба да молчиме и тоа да се случи, јас нема да молчам, а наскоро ќе се формира влада, па може да молчи и да донесе поинаква одлука. Може да има различно мнозинство во собранието и владата што ќе глуми дека се е во согласност со меѓународните правни норми и дека е демократско да се молчи. Не сакам да се преправам, подобро е да не сум таму отколку да слушам вакви глупости што ја навредуваат малата интелигенција што ја имам, изјави тој.


Вучиќ рече и дека постои уште една, петта земја која неодамна одлучи да го повлече признавањето на независноста на Косово.

– Чекаме да влезат во процедура за која било меѓународна организација да ви го покаже тоа, рече тој.