Ова го изјави Османи за новинарите по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и лидерот на Европската унија Жозеп Борел на самитот во Молдавија.

Разговорите беа дел од меѓународните напори за смирување на кризата во северно Косово, која во понеделникот прерасна во насилни судири во кои беа ранети 30 мировници на НАТО и 52 српски демонстранти. Макрон рече дека Франција и Германија ги повикаа лидерите на Косово и Србија да организираат нови избори што е можно поскоро во регионите погодени од неодамнешните граѓански немири.

Тој додаде дека тој и Шолц им дале една недела на косовските и српските лидери да одговорат на нивниот предлог. „Она што го побаравме од двете страни е многу едноставно: организирање на нови избори во четирите општини што е можно поскоро, со обврска на Косово да ги спроведе“, изјави Макрон за новинарите.

Тој додаде дека барале српското малцинство да учествува на изборите, како и Косово без одлагање да го реши проблемот со формирање заедница на српските општини. Претседателите на Србија и Косово упорно тврдат дека сакаат да ја ублажат кризата на северот на Косово, но не покажаа преголема желба да се откажат од своите спротивставени позиции.

Кога пристигнаа на самитот во Молдавија, каде се сретнаа повеќе од 40 европски лидери, Вучиќ и Османи не се поздравија иако стоеја на само неколку метри еден од друг на црвениот тепих. Неколку десетици војници на КФОР, силите на меѓународната заедница под раководство на НАТО, беа повредени во понеделник попладне во судирот со српски демонстранти во општина Звечан на северот на Косово.

Српските демонстранти, меѓу кои има и неколку десетици повредени, се спротивставија на доаѓањето на градоначалниците Албанци во општините по изборите, кои беа бојкотирани од Србите.