logo
logo
logo

Премиерот на Црна Гора: Сака да ме смени градежна фирма, што шверцува цигари

Vecer | 19.08.2022

Премиерот на Црна Гора: Сака да ме смени градежна фирма, што шверцува цигари

Абазовиќ рече дека лидерите на компанијата Бемакс, која претходно била поврзана со поединци од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, се сопственици на големата пратка цигари, што во мај била запленета во црногорското пристаниште Бар.

„Спорно е дека, според оперативните податоци, најголем дел од стоката во пристаништето Бар е во сопственост на Бемакс или лица поврзани со нив. Од таму се финансираат медиумските кампањи и оттогаш почна војната со премиерот“, рече Абазовиќ.

Тој рече дека неговите ставови за шверцот со цигари, кои ги изнесе во Собранието, се директно поврзани со убиството на главниот уредник на црногорскиот весник „Дан“ Душко Јовановиќ и сопственикот на хрватскиот „Национал“ Иво Пуканиќ.

„Она што го зборувам за шверцот на цигари е поврзано со убиството на Душко Јовановиќ. А луѓето кои имаат врска со убиството на Душко Јовановиќ се уште се среќни овде. Истото што ви го кажав е поврзано со убиството на Иво Пуканиќ“, изјави Абазовиќ.

Душко Јовановиќ беше убиен во 2004 година, а неговиот весник „Дан“ објави текст од загрепски „Национал“, кој пишуваше за вмешаноста на црногорската влада во шверцот на цигари. Иво Пуканиќ беше убиен во 2008 година во Загреб.

Црногорската полиција неодамна во две големи акции во пристаништето Бар запленила поголема количина цигари чија вредност се проценува на 21 милион евра.

За време на долгогодишното владеење на ДПС на Ѓукановиќ, фирмата Бемакс често била фирмата која била избирана на јавни тендери за извршување на јавни работи вредни милиони евра.

Претставниците на ДПС тврделе дека наводите на Абазовиќ се невистинити.

Предлогот за гласање недоверба на владата бил инициран од претставници на ДПС и СДП, кои го формираа владејачкото мнозинство заедно со Обединетата реформска акција (УРА) на Абазовиќ и просрпската СНП.

Иако во образложението на иницијативата се наведува дека Владата не ги исполнила приоритетните задачи за интензивирање на евроинтегративниот процес на Црна Гора, суштинска причина е потпишувањето на Основниот договор со СПЦ на почетокот на август.

Тие тврдат дека документот ја фаворизира СПЦ пред другите верски заедници, дека не е во согласност со Уставот и законите на Црна Гора, дека со преамбулата се фалсификува црногорската историја и дека со него официјално се пренесува сопственоста на црковните објекти во Црна Гора на СПЦ.

Се очекува седницата на црногорскиот парламент, на крајот на која претставниците ќе гласаат за доверба на владата на Абазовиќ, да трае до доцна во вечерните часови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk