Бугарија нема да ја ревидира досегашната позиција кон Македонија во однос на отворените прашања, ова е заклучокот од синоќешната средба на четирите потенцијални коалициски партнери во Бугарија, кои пет дена преговараа за 18 теми. Последната и според бугарските медиуми, најжешка била оставена за на крај. И покрај различните ставови за одредени аспекти, победничката „Продолжуваме со промените“, бугарските социјалисти, Има таков народ и Демократска Бугарија се договориле дека Софија ја задржува својата досегашна позиција, а доколку има промени, тие да подлежат на долга и широка дебата. И покрај тоа што партијата на Петков инсистирала рамковната позиција, вградена во декларацијата од бугарскиот парламент да не влезе во текстот, сепак на крајот формулацијата се нашла во заклучоците.

-Нам ни е важно да го задржиме добронамерниот тон на преговорите и да ги задржиме сите досегашни елементи на преговарачката позиција на Бугарија, а тие елементи се и петте барања во декларацијата на Народното собрание, кои можат да послужат за активизација на дијалогот со Македонија.  , вели Даниел Лорер „Продолжуваме со промената“

Лорер предвидува брзо формирање на билатерални комисии, а Комисија за историја да се среќава најмалку еднаш во месецот. Ставот на сите учесници е дека Македонија треба да ги гарантираат правата на граѓаните кои се самоидентификуваат како Бугари, да запре говорот на омраза и да се прочистат спорените формулации во учебниците. Процесот треба да се деблокира, но со трајно решение преку патоказ кој јасно ќе ги наведе очекувањата за Македонија пред, за време и по евентуалното пристапување во ЕУ.

-Треба да се опстои на националните интереси на Бугарија без правење компромиси во однос на историските прашања, заснована на документи и факти. , Кристијан Вигенин Бугарска социјалистичка партија

-Продолжувањето на актуелната блокада на преговорите на С.Македонија со ЕУ не е во интерес на Бугарија, која и без тоа не успеа да ја објасни својата позиција на европските парнтери, а камо ли да обезбеди поддршка за неа. , вели  Стефан Тафров Демократска Бугарија

Преговорите меѓу партиите засега се во насока дека во третиот наврат Бугарија ќе добие нова влада. Од утре разговорите продолжуваат на ниво на лидери.