logo
logo
logo

Последните шест дена во Егејското Море се регистрирани над 400 земјотреси (ВИДЕО)

Vecer | 03.02.2025

Последните шест дена во Егејското Море се регистрирани над 400 земјотреси (ВИДЕО)

Како што е соопштено, од 28 јануари досега во Егејското Море се регистрирани повеќе од 400 земјотреси.

Повеќе од 100 потреси, со магнитуда од 1,3 до 4,8, биле регистрирани помеѓу 1 и 3 февруари.

По земјотресот со јачина од 4,7 степени според Рихтер денеска се регистрирани земјотреси со јачина од 5 или повеќе степени според Рихтеровата скала.

Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, Манолис Скордилис изјавил дека ситуацијата на грчкиот остров Санторини е исклучително сериозна и дека можни се земјотреси со јачина над шест степени според Рихтеровата скала, објави порталот Хелас, наведувајќи дека жителите постепено го напуштаат островот.

Луѓето брзаат да купат билети за да го напуштат островот, па синоќа имало многу долги редици пред шалтерот за билети во Фира, Санторини.

Поради големата побарувачка, останале малку билети за летовите на Aegean и Sky Express, па билетите кои не се враќаат достигнаа 200 евра.

Многу жители спијат во своите автомобили или на отворено додека не помине опасноста, пишува грчкиот портал.

Скордилис рече дека интензивна сеизмичка активност во изминатите 24 часа имало во област каде што во минатото се случиле земјотреси со јачина над седум степени според Рихтеровата скала.

Тој како пример го наведе земјотресот со јачина од 7,3 степени во Аморгос регистриран на 9 јули 1956 година.

„Земјотресите се на тектонски расед што се протега североисточно кон Санторини“, рече Скордилис.

Грчките власти ги советуваа жителите на Санторини да ги избегнуваат двете мали пристаништа и да не се собираат во затворени простори.

Спасувачки тимови и лекари со амбулантни возила и опрема се испратени на островите Санторини, Иос и Аморгос, а на Санторини ќе биде формиран оперативен центар за справување со евентуална вонредна ситуација.

Министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас по средбата со Мицотакис изјави дека преземените мерки се превентивни.

„Континуирано ќе се добиваат информации. Се испитуваат сите елементи на сеизмичка активност“, рече тој.

Вулканологот-истражувач на Грчката служба за геолошки и рударски истражувања, Јоргос Вугиукалакис, изјави дека епицентрите на земјотресите главно биле на Анхидрос, ненаселен остров во близина на Санторини.

Според него, властите одлучиле да ги прошират безбедносните мерки на соседните острови Аморгос, Анафи и Иос, со цел да се избегнат панични ситуации и да се обезбеди заштита на жителите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk