Пленковиќ: Посетата на Вулин на Јасеновац не е добро решение

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека можното доаѓање на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин утре на подрачјето на Јасеновац, не би било добро решение, поради, како што рекол, неговите претходни неприфатливи изјави.

„Што се однесува на најавеното доаѓање на министерот Вулин во Хрватска, ние очекуваме секој кој доаѓа во Хрватска, да ја почитува хрватската држава, а тој, знаел за време на неговите посети да има непримерни и навредливи изјави и не сме сигурни дека во овие моменти тоа е најдоброто решение“ рекол Пленковиќ.

Хрватскиот премиер порачал дека сака на утрешната службена државна комеморација, да им се изрази почит на жртвите од усташкиот логор.
„Тоа ќе го направам како и минатата година, како претседател на владата, тоа ќе го направи и претседателот на Собранието, тоа вчера го направи и претседателката на Републиката и тука нема никакви дилеми за цврсти, недвосмислени и јасни ставови на хрватската држава и нејзините институции“ нагласил Пленковиќ.

На комеморацијата утре во Јасеновац, според Пленковиќ, повикани се Милорад Пуповац од Српскиот национален совет, Сојузот на антифашистички борци и еврејското здружение.

По повод инцидентот кој неодамна го предизвика лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ во српското собрание, Пленковиќ изјавил дека инцидентот е својствен за осуденик за воени злосторства, кој со својот чин го осквернавил симболот на хрватската држава и ја навредил делегацијата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари