Осум лица во Србија се борат за живот, откако јаделе печурки купени на пазар

Од ВМА велат дека во меѓувреме еден пациент од Белград е пуштен дома, пишува Телеграф. ВМА вчера објави дека пациентите од Шабац купувале печурки од неовластен продавач и ги консумирале мислејќи дека се лисичарки и вргањи.
Полицијата во Шабац вчера уапсила 72-годишна жена поради сомнение дека изминативе денови продавала печурки, од кои кај неколку лица се појавиле симптоми на труење, соопшти српското МВР.
„Предупредување до сите оние кои користат печурки за храна, како и собирачите на печурки, е да бидат крајно внимателни бидејќи одговорноста за здравјето и личната безбедност е на секој што бере и јаде диви печурки“, предупредува Националниот центар за контрола на отрови во ВМА.
ВМА предупредува дека само со хемиска анализа може точно да се утврди токсичноста на печурките и дека без добро познавање на печурките не треба да се почне со нивно берење, пренесува Телеграф.
„Погрешно е мислењето дека постојат целосно идентични јадливи и отровни печурки и дека може да се препознаат по одредени карактеристики“, предупредуваат од ВМА.
Според неофицијални информации, во болницата ноќеска било примено цело семејство од Шабац со симптоми на труење, а претходно во текот на денот едно лице било хоспитализирано со истите симптоми.