Оштетен авион кој летал од Загреб за Сараево

Авионот на Кроација ерлајнс кој синоќа слета во Сараево од Загреб има штета за која се претпоставува дека е предизвикана од огнено оружје.
Пилотот кој управувал со авионот по пристигнувањето на сараевската писта пријавил оштетување на трупот на авионот, а според првите неофицијални информации штетата настанала од истрели од огнено оружје.
За случајот е информирано Обвинителството на БиХ, а истрагата на пистата на сараевскиот аеродром е во тек, јавуваат федералните медиуми. „По добиената информација дека редовната контрола на авионот на аеродромот во Сараево, кој допатувал со лет од Загреб, покажала оштетување на трупот на авионот, што можеби е предизвикано од куршум од огненото оружје, дежурниот обвинител на Обвинителството на БиХ побара истрага, истражен тим, во присуство на службеници од Дирекцијата за цивилно воздухопловство на БиХ“, се вели во соопштението.
Треба да се напомене дека безбедноста на патниците за време на летот не била загрозена, а со детален преглед ќе се утврди начинот на оштетување како и безбедноста на леталото за понатамошна воздушна пловидба.