Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека ситуацијата е „ужасно опасна“ и дека проблемот е што Русија не е економски разбиена.

„Од почетокот предупредив дека ова е ужасно опасна ситуација. А за нуклеарното оружје, Путин го повторува тоа одвреме-навреме, и јас не го гледам тоа како главен проблем во моментов, но го гледам проблемот што Русија е не е економски скршена, а требаше да биде за неколку месеци“, изјави Милановиќ на новинарите во Загреб на прашањето за говорот на Путин и заканите со нуклеарно оружје.

Тој додаде дека сето тоа „му дава политички простор на Путин дома, му дава време да го направи следниот чекор на кој можеби не сметал, но има простор за маневрирање“.

„Ова сигурно ќе продолжи уште некое време. Ние го имаме на едната страна, Западот, кој се бори против Русија на украинска територија, и Русија, која ја нападна Украина и од нејзина перспектива, не смее да ја изгуби таа војна. И тоа е во таа приказна најопасно“, рече хрватскиот претседател.

На прашањето дали Хрватска има план во случај на нуклеарна војна, Милановиќ одговори дека Хрватска „нема нуклеарно оружје, не е нуклеарна сила“ и дека не учествува во носењето на клучните одлуки.

„Влеговме во НАТО со примарна цел и мислејќи дека Американците ќе не заштитат од варварството и упадите на оние со кои имавме проблем во историјата, а тоа е Белград“, изјави хрватскиот претседател.

Тој рече дека во меѓувреме околностите се промениле и дека НАТО станал „глобален скитник“.

„Хрватска е членка на НАТО, која има обврска за меѓусебни гаранции, за што се носи посебна одлука. Секоја порака, освен пораката за лојалност со членките, а тие се во неволја, би биле погрешни. Украина не е членка на НАТО“, истакна тој.Милановиќ.

На повеќекратно прашање дали Хрватска има план во случај на нуклеарна војна, тој одговори дека има, но дека не сака да размислува за тоа дека Хрватска може да биде цел.

„Зошто би биле цел? Треба да внимаваме што зборуваме кога станува збор за овие сериозни работи“, рече Милановиќ.

Тој истакна дека „кога се тепаат големите, малите не бегаат од масата, туку се кријат“.

На новинарско прашање за ИНА, претседателот на Хрватска ја критикуваше одлуката на Европската комисија која „од идеолошки причини“ сака да ѝ ускрати на Унгарија дел од парите од кохезионите фондови поради непочитување на правната држава.

“Катастрофа е, јас прв ќе се борам за да не и се случи ова на Унгарија“, изјави Милановиќ.

Во исто време, тој додаде дека „никогаш не треба да се заморува од објективна критика на она што Орбан го прави погрешно во некои случаи“.

Фото: принтскрин