logo
logo
logo

Од денес викенд рестрикции во Србија

Vecer | 27.02.2021

Од денес викенд рестрикции во Србија

Кризниот штаб на српската влада за борба против коронавирусот се откажа од намерата со петдневно затворање на сите угостителски објекти да се обиде да го пресече наглиот скок на бројот на новозаразените, кој веќе два дена последователно е поголем од 3.000, и препорача нешто послаби мерки.

На владата ѝ препорача скратување на работното време до 14 часот за време на викендите на територијата на целата земја за сите трговски центри, ресторани и кафулиња, особено во зимските центри, кои се сметаат за клучни жаришта на заразата.

Градските власти на Белград, кој го бележи најголемиот процент на заразени на дневно ниво, се спротивставија на затворањето на угостителските објекти, аргументирајќи го тоа со тврдење дека нема да дозволат затворање на престолнината поради тоа што во зимските центри не се почитуваат мерките и баровите работат до пет наутро.

Србија со недели бележи четирицифрена статистика на заразени на дневно ниво, а во последните денови зголемувањето на новозаразените се припишува на враќањето на илјадници луѓе од зимување, но и неодговорноста на граѓаните.

Властите, со ангажирање на инспекциите и комуналната полиција, како и полициска асистенција, значително ги заострија контролите на почитувањето на епидемиолошките мерки.

Само во последните неколку дена се затворени десетици угостителски објекти во кои е кршено ограничувањето на работното време со прекумерен број гости, бидејќи во неколку локали се затекнати стотици луѓе па се преземани и прекршочни и казнени мерки.

Србија е една од ретките земји во светот која во кампањата на имунизирање користи четири одобрени вакцини – Бајонтек/Фајзер, руската Спутник V, кинеската Синовакс и од почетокот на оваа недела вакцината на Астра Зенека увезена од Индија.

Според последните службени податоци до вчера се вакцинирани 1.361.509 граѓани, од кои половина милион примиле и втора доза.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk