На евентуални предвремени парламентарни избори во Бугарија, „Има таков народ” се приближува до ГЕРБ и разликата е помала од еден процент, покажува истражувањето на јавното мислење, спроведено од агенцијата Маркет линкс, претставена на бТВ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, разликата меѓу двете водечки партии во Бугарија се стопи во корист на „Има таков народ” на Слави Трифонов, достигнувајќи еден отсто.

На евентуални предвремени парламентарни избори налето, 21,1 отсто би ја поддржале партијата на Бојко Борисов, а 20,3 проценти – партијата на Слави Трифонов. Бугарската социјалистичка партија останува трета со 16,5 отсто доверба. „Демократска Бугарија” на поранешниот министер за правда, Христо Иванов, ќе ја зголеми довербата со 11,9 отсто од гласовите, пред Движењето за права и слободи, кое заврши на четвртото место со 9,4 проценти.„Исправи се!” на поранешниот народен правобранител на Бугарија повторно влегува во Националното собрание со поддршка од 5,9 отсто, а ВМРО останува под прагот од 4 отсто, со оглед да има доверба од само три проценти на испитаниците.

Анкетата беше спроведена меѓу 1.053 лица во периодот од 16-23 април и финансирана и спроведена од bTV и Market Links.