Модернизацијата на Коридорот 10 стратешки интерес на Србија и Грција

Модернизацијата на железничкиот Коридор 10 е стратешки интерес за Србија и Грција, оценија денеска во Белград министрите задолжени за ресорот транспот на двете земји.

- Не е доволно само да имаме модерна пруга од Белград до Будимпешта, туку многу значајно е да ја модернизираме и пругата кон југ, изјави српската министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ, по нејзината средба со грчкиот министер за инфраструктура, транспорт и врски Христос Спирцис.

Според неа, модернизацијата на оваа пруга од Србија, преку Македонија, до Грција е особено важна со цел да се намали времетраењето на карго транспортот, со што би се зголемила конкуретноста на српските фирми.

Спирцис, од своја страна, истакна дека за Атина еден од главните приоритети е модернизација на оваа пруга и поврзување на Србија со пристаништата во Грција.

- Инфраструктурното поврзување на Грција и Србија ќе овозможи подобри врски во внатрешноста на Балканот, но и на целиот регион со Средна Европа, изјави Спирцис.

Тој предложи изработка на единствена транспортна политика во регионот, со цел да се воспостават исти стандарди кои ќе овозможат забрзување на превозот на патници и стоки.

- Време е граѓаните на регионот да ја почувствуваат безбедноста што ја чувствуваат граѓаните на Средна Европа, што не ќе биде можно без унапредување на проектите. Затоа Коридорот 10, како во минатото, така и денес, но и во иднина, може да биде фактор за обезбедување на мирот во целиот регион, додаде Спирцис.

Поврзани

Најнови вести

Коментари