Министерот за одбрана на Грција на 4 април ќе ја посети југоисточна Турција

Во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, Панајотопулос објасни дека при размената на пораки со сочувство со турскиот министер за одбрана поради земјотресот во Турција и железничката несреќа во Грција, Акар му предложил да ги посети подрачјата погодени од земјотресот.
-Овој предлог секако не го одбив, но мораше да се најде соодветен датум. Сигурно мораше да биде пред Велигден, секако пред предизборниот период тука и предизборниот период во Турција. На крај го избравме 4 април и следниот вторник ќе ја остварам посетата. Ќе ги посетиме областите погодени од земјотресот во југоисточна Турција, објасни министерот за одбрана на Грција.
Додаде дека во моментов е важно да се испрати симболична порака, со оглед на тоа дека е јасна деескалацијата на тензијата во билатералните односи.
-Не одам во Турција на средбата со господинот Акар за да ги решиме сите наши разлики, независно дали тоа е една разлика што се карактеризира како спорна или сите други, бидејќи постојат и тоа не е спорно. Одам за да помогнам да се испрати симболична порака дека некои работи, а особено природните катастрофи, трагедиите од оваа големина, можеби се над геополитичките ривалства, дури и на локално ниво и би можеле да функционираат како средство за деескалација на оваа тензија, истакна Панајотопулос. /МИА