logo
logo
logo

Косовското МНР потврди: Го одбивме барањето на српскиот министер за влез во земјата!

Vecer | 21.06.2021

Косовското МНР потврди: Го одбивме барањето на српскиот министер за влез во земјата!

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово потврди денеска дека не му дозволила влез во земјата на министерот за млади и спорт во Владата на Србија, Вања Удовичиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмениот одговор доставен до порталот „Зери.инфо”, косовското МНР кратко информира дека го одбило барањето на Удовичиќ да го посети Косово, но не дава образложение за причините за таквата одлука.

– Ви потврдуваме дека Министерството за надворешни работи и дијаспора не го одобри барањето на министерот во српската Влада за влез во Република Косово, се вели во одговорот на косовското МНР.

Косовските и српските медуми претходно ја пренесоа реакцијата на директорот на Канцеларијата за Косово при Владата во Белград, Петар Петковиќ, кој забраната за влез на Удовичиќ во Косово ја оцени како „еднострана и самоволна одлука” на косовските власти, спротивна на веќе потпишаните договори меѓу Белград и Приштина со посредство на Европската унија.

Удовичиќ денеска требало да го посети огранокот на Приштинскиот универзитет во Северна Митровица, каде што, според српската канцеларија за Косово, требал „да разговара со младите и да им подели стипендии”. Тој исто така требало да посети и центар за екологија и спорт во Зубин Поток, општина во северно Косово со мнозинско српско население.

Според официјален Белград, барањето на српскиот министер е одбиено без образложение синоќа, „во ниедно доба од ноќта”, иако тој ги испочитувал процедурите предвидени со протоколите за посети на официјални претставници од едната во другата земја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk